НБРМ: Финансиската стабилност се задржува

Од:

Советот на Народната банка на Република Македонија на денешната седница констатира задржување на финансиската стабилност во текот на 2014 година и во наредниот период.

Како што соопштува, финансискиот систем на Република Македонија има релативно едноставна структура, со минимална меѓусебна зависност на активностите на одделните сегменти и отсуство на сложени финансиски инструменти и услуги. Стабилноста на финансискиот систем е условена од стабилноста на банкарскиот сектор како негов доминантен сегмент, каде пак се концентрирани заштедите на нефинансискиот сектор. Активата на банкарскиот систем достигна 76,1 отсто од БДП и зафаќа 86,8 отсто од вкупните средства на финансискиот систем. Кредитите на банките за нефинансиските субјекти изнесуваат 48,1 отсто од БДП, а депозитите на банките за нефинансиските субјекти 54,6 отсто од БДП, што оди во прилог на констатацијата за умерена финансиска интермедијација.

Карактеристично за 2015 година беше што капитално финансираното пензиско осигурување оствари значително побрз раст во однос на банкарскиот систем и осигурителниот сектор и неговото учество во активата на финансискиот систем изнесува 7,3%, а во БДП 6,4%. Осигурителниот сектор е третиот најголем сегмент на финансискиот систем, со учество од 3,6% во вкупните средства на финансискиот систем и 3,1% во БДП.

Остварувањата на корпоративниот сектор и населението, пред сè, нивниот финансиски потенцијал, нивото на приходи коишто ги остваруваат и нивото на задолженост, имаат директен одраз и врз остварувањата на финансиските институции. Вкупната задолженост на корпоративниот сектор, како кон банкарскиот сектор, така и кон странските доверители, продолжи да расте и достигна ниво од околу 64 отсто од БДП. Останува позитивната оценка за солвентноста на корпоративниот сектор, со оглед на тоа што во 2014 година повеќето показатели за задолженоста на претпријатијата останаа на релативно стабилно ниво.

Поволните поместувања на пазарот на трудот, проследени со подобрување на продуктивноста на трудот, придонесоа за забрзување на растот на финансиската актива и расположливиот доход на домаќинствата, како и на стапката на штедење. Вкупната задолженост на населението продолжи да расте, задржувајќи се на умереното ниво од 21% од БДП, а банкарскиот сектор е главен доверител на домаќинствата. Показателите за солвентноста и ликвидноста се задоволителни. Сепак, растот на нефункционалните кредити на домаќинствата, кој се забележува за прв пат после подолг период, при забрзан раст на кредитирањето, сигнализира можен раст на кредитниот ризик за банкарскиот сектор во наредниот период.

Валутните карактеристики на финансиските производи во Република Македонија и во 2014 година беа исклучително важни за стабилноста, за остварувањата и за финансискиот потенцијал на приватниот сектор. Оттука, политиката на Народната банка за стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото, и во иднина ќе претставува суштински предуслов за одржливоста на нивото на долгот на корпоративниот сектор и домаќинствата.

Општа е констатацијата дека финансиската стабилност продолжува и во наредниот период, показателите за солвентност и ликвидност се очекува да се задржат на високо ниво, а ќе се задржи и подобрената профитабилност.

Советот на денешната седница ја разгледа и усвои и Одлуката за изменување на Одлуката за начинот на утврдување поврзани лица. Одлуката се носи заради усогласување со новиот документ за мерење и контрола на големите изложености, којшто е објавен од Базелскиот комитет за банкарска супервизија. Примената на Одлуката ќе овозможи поточно определување на поврзаните лица кога лицата не се поврзани преку контрола, но претставуваат единствен ризик бидејќи се меѓусебно поврзани на тој начин што финансиските проблеми кај едното од нив може да предизвикаат проблеми во отплатата на долговите на другото лице.  Воедно, Одлуката ја воведува и можноста одредени субјекти да не се сметаат за поврзани доколку банката има неспорни докази дека ќе можат навреме да најдат други извори на финансирање или други деловни партнери, со што ќе ги надминат финансиските проблеми предизвикани од поврзаноста со други лица.

На денешната седница Советот на Народната банка на Република Македонија, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, ги усвои и  Одлуките за издавање и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Наталија’’ и „Олга’’ од серијата „Ден на Ангел’’. Овие ковани пари се со апоен од 100 денари, изработени во 5000 парчиња.

Би можело да ве интересира

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

Надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра во последните три месеци од 2023 година

Орце Костов

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво