НБРМ: Економијата закрепнува, растот во третиот квартал 2,4 отсто

Од:

Растот на економијата за 2016 година се очекува да изнесува 3,5 проценти. Во третиот квартал остварен е раст на БДП од 2,4 проценти, што е над октомвриската проекција на НБРМ од 2,3 проценти, а носечки сектор е градежништвото. Се очекува проектираниот раст на БДП за цела 2017 да изнесува 3,5 отсто, а за 2018, 3,7 отсто.

Ова го констатира денеска Советот на Народна банка на Република Македонија на седница на која е разгледан најновиот Квартален извештај.

Утврдено е дека во последното тримесечје од 2016 година каматната стапка на благајничките записи се намали за 0,25 п.п., а на почетокот на јануари 2017 и за дополнителни 0,25 п.п, со што оваа основна каматна стапка се сведе на 3,5 отсто.

– Овие одлуки на Народната банка беа резултат на видливото и континуирано неколкумесечно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти по претходно преземените мерки за справување со изразените шпекулативни притисоци од неизвесниот политички амбиент во второто тримесечје, а при натамошно задржување на оцените за стабилност на економските фундаменти, стои во соопштението на НБРМ.

Остварувањата покажуваат дека и покрај зголемените ризици поврзани со фактори од домашна и надворешна природа, темелите на домашната економија останаа солидни и во 2016 година. Во соопштението додаваат дека девизниот пазар и депозитите во банкарскиот систем, коишто беа под најголемо влијание на политичките случувања од вториот квартал, до крајот на годината повеќе од целосно ги надоместија претрпените одливи. – Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки, а тоа закрепнување се одвива без ценовни притисоци и во услови на натамошно одржување соодветно ниво на девизните резерви. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и се поврзани со домашниот политички амбиент, а присутни се и надворешните ризици, истакнуваат во соопштението и додаваат дека и во следниот период внимателно ќе ги следат движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент, како и од остварување на надворешните ризици.

Во третиот и во четвртиот квартал на 2016 година вкупната инфлација изнесуваше минус 0,1 отсто, што доведе до пад на потрошувачките цени за целата година од минус 0,2 отсто. Во 2017 и 2018 година се очекува умерено забрзување на вкупната инфлација на 1,3 отсто и околу 2 отсто, соодветно, но оваа проекција и натаму е придружена со ризици, главно поврзани со движењата на светските цени на нафтата и храната, како и со растот на домашната економија.

Во рамки на надворешниот сектор, остварувањата во третото тримесечје од 2016 година укажуваат на остварен суфицит во тековната сметка од 1,4 отсто од БДП, што е на ниво на очекувањата со октомвриската проекција. Притоа, појаснуваат, подобри остварувања бележи салдото на стоки и услуги, додека мало негативно отстапување се забележува кај салдото на примарниот доход. Во финансиската сметка се остварени високи приливи на нето-основа од 428 милиони евра, или 4,5 отсто од БДП, а главно како резултат на надворешното задолжување на државата.

Девизните резерви се задржаа на адекватно ниво во текот на целата година. И во 2017 и 2018 година се очекува кумулативен раст на девизните резерви, како и нивно задржување во сигурната зона, односно на ниво соодветно за справување со непредвидени шокови.

Би можело да ве интересира

Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити за домаќинствата во март 5,4 проценти

Средби со Светска банка: Светска банка со поддршка на реформските активности на Народната банка за пристапување кон СЕПА

Девизните резерви на крајот на февруари 4,28 милијарди евра

Се одржа јубилејната 50. сесија на Клубот на истражувачите

Надворешниот долг е зголемен за 305 милиони евра во последните три месеци од 2023 година

Орце Костов

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во јануари зголемена, кај депозитите намалување на месечно ниво