Стрес тестовите покажуваат дека македонските банки би издржале и најлоши сценарија. Македонскиот банкарски сектор ја задржа својата стабилност, и отпорност на шокови, изјави гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, по седницата на Комитетот за финансиската стабилност кој ги разгледуваше најновите движења во банкарскиот систем на Македонија.
„Македонскиот банкарски систем покажува исклучителна стабилност. Адекваноста на капиталот е зголемена на 17,5 проценти, а високо ликвидната актива во вкупната актива на банкарскиот сектор достигна 31,5 поценти во првиот квартал на оваа година“, изјави гувернерот.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, симулациите за евентуални сценарија за развој на ситуацијата со повеќе варијатни покажуваат дека нема ниту една банка во Македонија што би дошла во критична ситуација и оти и граѓаните и фирмите може да бидат спокојни од тој аспект во однос на стабилноста и сигурноста на нивните депозити.
Комитетот заклучи дека македонскиот банкарски систем нема речиси никаква зависност од изворите на финансирање од странските финансиски пазари, што ја минимизира опасноста за прелевање на тековните кризни случувања во евро-зоната во домашниот банкарски сектор.