Најголем придонес во подобрување на туристичката понуда во Македонија во изминатата година имале хотелите „Аурора ресорт спа-Берово“, „Изгрев“ Струга, „Султан“ Скопје и „Скардус“ Тетово. На одбележувањето на Светскиот ден на туризмот денеска во Министерството за економија им беа доделени плакети.
Такви признанија за најдобри инкаминг туристички агенции добија „Бадем турст“, „Карачи“, Визит Македонија“ и ВАС-ТУР“ од Скопје. занајдобри ресторани,пак, се прогласени „Њу Стар“, „Рагуза“, „Венето“ и „Мираколи“ од Скопје. Туристички манифестации што ја одбележаа изминатата година се „Еснаф“ Скопје, фестивалот „Охридско лето“-Охрид, фестивалот „Браќа Манаки“-Битола и Тетовското културно лето – Тетово.
Наградените ги номинираа стопанските комори за туризам, а земени се предвид и податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, а за агенции со најмногу барања за субвенции и хотели кои евидентирале најмногу гости во претходната година. При селекцијата според Министерството за економија, се испочитувани критериумите придонес во туризмот, ефикасно работење и подобрување на туристичката понуда.
Министрите за економија и за локална самоуправа Беким Незири и Лирим Шабани на свеченоста најавија дека државата ќе продолжи со поддршката преку субвенционирање на развојот на туризмот, со акцент на нови сместувачки капацитети заради зголемениот број странски туристи. Меѓу приоритетите е и поттикнувањето на туризмот во внатрешноста со цел зголемување на регионалниот рамномерен развој.
Според статистичките податоци, бројот на странските туристи во Македонија во јули годинава во однос на јули лани е зголемен за 9,9 проценти, а во периодот јануари-јули годинава во однос на истиот период од претходната година вкупниот број на туристите бележи зголемување за 3,1 процент од кои кај странските за 7,2 проценти.
Надлежните институции, истакна Незири, се задоволни од развојот на туризмот во изминатите години. Бројот на странските туристи, како што посочи, во изминатите 8 години е зголемен за 98 проценти, а вкупниот број на туристи бележи раст од 40 проценти.
– Ваквите позитивни резултати не доаѓаат случајно. Како Влада и како Министерство за економија во континуитет работиме на подобрување на туризмот и привлекувањето што повеќе странски туристи во државата. За три години се поделени субвенции во износ од над 2,5 милиони евра за стимулирање на оваа гранка во државата. Од таа причина на годишно ниво бројот на странските туристи е над 700 илјади, рече Незири.
Според министерот Шабани, активностите за развој на туризмот во изминатитот период биле концентрирани во одредени туристички центри, општини и региони, а Министерството за локална самоуправа согласно Законот за рамномерен регионален развој ќе се обиде да насочи инвестиции од буџетот во сите региони.
– Очекуваме одобрување на новата програма за прекугранична соработка ИПА 2,а по нејзино одобрување секако ќе имаме поголеми можности и да помогнеме на општините со директни грантови за туризмот, информира Шабани, посочувајќи дека веќе има интерес од одредени општини и организации за конкретни проекти.
Лани во Македонија во туризмот биле вработени 8.500 лица, што претставува 1,2 проценти од вкупниот број вработени во земјава.
Според проценките на Светскиот совет за патување и туризам годинава бројот на вработени во овој сектор ќе достигне 10.000, а тоа ќе претставува и зголемување на учеството во БДП од 1,9 проценти.