И денешниот прес на дополнителниот заменик министер Трипуновски е продолжение на серијата празни зборови и лаги кон земјоделците. Од помпезно најавуваните “скандали“ на дополнителниот заменик министер нема ништо.
Единствено нешто што остана потврдено и денес е тоа дека дополнителниот заменик министер е против развојот на малите винарии и малите производители на храна.
Самиот Трипуновски денес го демантираше Цветан од вчера.
Преку транспарентна и законска постапка, од двата јавни повици, до сега со грант поддршка за набавка на опрема за производство се поддржани 145 мали винарии. Секоја една мала винарија, која аплицирала на некој од овие два повици и притоа во целост ги исполнувала условите, добила грант поддршка за набавка на опрема.
Ова во својата денешна изјава го потврдува и самиот дополнителен заменик министер, демантирајќи се самиот себе дека поддршката кај овие програми била доделувана селективно.
Воедно го повикуваме дополнителниот заменик министер Трипуновски, ако веќе открил “скандал“ истиот да го процесира до надлежните институции. Се друго ќе биде само празни зборови и изнсување на лаги, кои подоцна би требало да ги докажува пред други институции.
Малите семејни винарии се успешна приказна на која сите треба да бидеме горди, а резултатите од овие мерки тоа го потврдуваат. Денеска, благодарение на добрите политики креирани од министерството имаме рекордна бројка од 173 регистрирани мали семејни винарии, кои може да се сретнат насекаде низ државата. Имаме вкупно 255 регистрирани винарски визби во државата. И затоа не случајно сме први во регионот по извоз на вино и 13 во светот по остварен девизен прилив од извозот на македонското вино.
Ние како министерство остануваме посветени во нашата поддршка за малите производители на вино и храна.
Она што пак, дополнителниот заменик министер Трипуновски, во некој од наредните пресови треба да го одговори пред лозарите е зошто лично тој, но и пратениците од неговата партија, го кочат донесувањето на новиот закон за вино. Важно законско решение со кое лозарите добиваат со закон гаранитрана откупна цена, но и нова посебна програма за финансиска поддршка на овие два важни сектори.