ЕДС, македонската компанија за трговија со електрична енергија го избра Митко Кржовски за свој управител и започна преговори за промена на сопственичката структура. Митко Кржовски доаѓа од висока позиција во ЕДС и е дел од компанијата од нејзиното основање, соопштија од компанијата.
„Промената на управувањето во ЕДС е поради изборот на Кочо Анѓушев за Заменик претседател задолжен за економски прашања во Владата на Република Македонија.
Менаџментот на ЕДС ја прифати определбата дека неговата одлука е во согласност со законските прописи. Имено, неговиот избор на функцијата Заменик претседател во Владата на Република Македонија е неспојлива со вршењето на функцијата управител на ЕДС.
Менаџментот на ЕДС информира дека во согласност со бизнис програмата и акциониот план за работа во изминатиот период од неколку месеци се водат преговори за целосна промена на сопственичката структура на ЕДС Македонија. Во преговорите, менаџментот на компанијата особено се концентрира на стабилноста и развојот на компанијата во иднина, имајќи ги предвид сите инволвирани субјекти. Процедурите за промени на сопствеништвото ќе бидат спроведени во согласност со законската регулатива во државата.
ЕДС, како членка на меѓународната берза за набавка на струја и со поддршка од најдобрата балансна група, има развиена мрежа за снабдување со електрична енергија и искуство во набавката на струја на слободниот пазар. Со досегашната работа придонесе за зголемена конкурентност на пазарот и за намалување на цената на струјата во Македонија. ЕДС Македонија е компанија која е дел од ЕДС групацијата што дејствуваат во Југоисточна Европа“ се наведува во соопштението на ЕДС.