Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска го одбележува Меѓународен ден на задруги. На настанот е предвидено да се обрати заменик-министерот Зоран Коњановски.
Македонија е прва земја во регионот која донесе посебен Закон за земјоделски задруги и целосно ги измени и комплетира потребните правилници за негово полесно спроведување.
Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интересот за здружување на земјоделците е се поголем. Тие веќе ги препознаваат придобивките од заедничкото дејствување.
– Одговорот за силен, моќен земјоделец е во задругарството, во овој правец треба да се движи македонскиот аграр. Поголемо и поквалитетно производство, сигурен пласман, повисока поддршка од државата и поголем профит, се само некои од придобивките на кооперативното здружување, е ставот на Министерството.
Светот го одбележува Меѓународниот ден на задругарството, воспоставен од ОН како првата сабота од јули. Целта е подигнување на свеста кај производителите за кооперативно работење и јакнење на партнерството меѓу интернационалните задругарски движења и други организации, како и влади кои го поддржуваат ваквиот начин на функционирање во аграрот.
Меѓународен ден потсетува што задругите треба да сторат во насока на јакнење на светската економија и социјалниот развој.
По повод Денот, Меѓународната алијанса на задруги секоја година испраќа соодветна порака.