Запознавање со актуелните состојби во рударството, условите во кои се работи во рудниците и понатамошните деловни чекори на компаниите кои се актуелни сопственици на рудниците, беше целта на вчерашната посета на .министерот за економија Крешник Бектеши на рудниците Тораница и Злетово во Пробиштип и Саса во Македонска Каменица, каде оствари работни средби со претставници на управите.
Во рудниците Тораница и Злетово, информираат денеска од Министерството за економија, министерот Бектеши изрази посебен интерес за условите за работа на вработените, особено за безбедноста на рударите, при што беше информиран дека овие два рудника во изминатиот период успеале во голема мерка да ги унапредат условите под кои рударите ги извршуваат секојдневните активности. Покрај ова, овие два рудника можат да се пофалат и со зголемување на бројот на вработени на 700 во моментов, кој има тенденција на раст и во наредниот период треба да достигне бројка од 1.000 вработени во двата рудника. Министерот за економија беше информиран и за планираните инвестиции во наредниот период, краткорочни и долгорочни, согласно развојните планови на компанијата.
Безбедноста на работа беше посебно високо оценета во рудникот Саса во Македонска Каменица, каде во тек е воведувањето на нови стандарди во работењето, покрај веќе постојните, што ќе придонесе за континуирано унапредување на работните услови на вработените рудари. Управата на „Саса“ го информираше министерот Бектеши за инвестициските планови на компанијата во периодот кој следи и за досегашните остварени резултати.
– Ова беше прва од низата планирани посети на министерот Бектеши во рударскиот сектор, кој генерира околу 10 отсто од вкупното производство во државата, а вработува околу 13 илјади граѓани со просечна плата од 28 илјади денари. Притоа, овој сектор учествува со 1 отсто во БДП-то, со 3,85 проценти во извозот, а со 6,04 проценти во увозот, соопшти Министерството за економија.