Една жена во текот на својот живот троши осум месечни плати само за трошоци поврзани со менструални производи и лекарства за менструална болка. Жените и другите лица кои менструираат, а кои заработуваат минимална плата, за да ги исплатат трошоците поврзани со менструацијата и здравјето треба да работат повеќе од една година, односно точно 1 година и 1,7 месеци.
Ова го покажува студијата „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“ која беше презентирана денеска во „Europe House“ a e изработена од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“.
Вкупно 77 отсто од анкетираните жени и девојки трошат од 101 до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена. Понекогаш, 39 проценти од нив купуваат поевтини производи за менструална хигиена од оние што им се најдобри.
Речиси секоја трета учесничка во студијата одговорила дека барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, тоалетна хартија, а половина од учесничките и повеќепати.
Вкупно 71 процент од анкетираните жени или девојки користат лекарства против менструална болка, а за набавка на истите 64 отсто трошат до 300 денари месечно.
Дури 90 проценти се согласуваат дека треба да има бесплатни производи за менструална хигиена
во јавните објекти, а исто толку проценти сметаат дека во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена.
Од податоците од анкетата произлегува дека во просек жените и девојките трошат по 265,54 денари на производи за менструација. За илустрација, годишните трошоци за обезбедување на менструални производи претставуваат 0,08294% од вкупните расходи планирани за Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година.
Со оглед на добиените податоци од истражувањето и заклучоците од анализата, главните препораки кои треба да се земат предвид при креирањето на јавни политики и нивното имплементирање, според студијата се целосно ослободување или намалување на данокот на додадена вредност од 18 проценти на 5 проценти на производите за менструација со цел намалување на продажната цена на овие производи. Достапни производи за менструација во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територијата на Република Северна Македонија, на товар на Буџетот на РСМ и бесплатни за ученичките. Подобрување на јавната инфраструктура и градење на нова родово-сензитивна инфраструктура. Едукација на стручните служби и воспитно-образовниот кадар во училиштата, да можат да го препознаат влијанието на стигмата кон менструацијата врз психофизичкото здравје, навики и образовни резултати кај девојчињата. Детабуизирање на менструацијата и ослободување од дискурсот на „срамота“ преку едукативни кампањи и јавни дебати за менструална правда, а врз основа на Националната стратегија за родова еднаквост 2021-2026 да се направи акциски план за справување со менструална сиромаштија и менструалната стигма.
Прашалникот споделен на социјалните мрежи целосно го пополниле 2.696 лица – мнозинството се идентификуваат како жена/девојка (98 отсто) и живеат во урбана средина (91отсто). Во поглед на економскиот статус, повеќе од половината (56 отсто) се вработени, 27 проценти се во образовен процес (ученици или студенти), 10 проценти се моментално невработени, а помалку од 2 проценти се изјасниле како домаќин/ка. Просечната возраст на примерокот е 28 години.