Со маслодајна репка нивите во Пробиштип ќе се чистат од тешки метали. Репката ќе се користи за експериментално производство на биодизел гориво. За да се исчисти оловото, цинкот и кадмиумот во регионот на неколку пробиштипски села ќе се користат светските искуства.
„Усешно е докажано е во случаите со Чернобил, Хирошима и неколку други јапонски хаварии, дека маслодајната репка помагнала квалитетот на почвата да се подобри“, вели координаторот на проектот Николчо Колев од здружението „Машински круг“ од Пробиштип.
Ова треба да биде и првото сериозно истражување за квалитетот на земјоделските производи и почвата по мапирањето на загадените површини пред неколку години. Иако загадувањето со тешки метали е евидентирано во сите документи на општината и државата, досега во јавноста не се објавени никакви истражувања за нивото на загаденост.
„Таквите испитувања бараат многу финансиски средства, но ние сме отворени и во нашите општински програми согласно нашите можности сме заинтересирани за испитувања и истражувања за оваа проблематика“, вели Тони Гиров, од ЛЕР тимот на општина Пробиштип.
И покрај тоа што земјоделските производи од над 500 хектари се сметаат за високо ризични што е утврдено и во 2006 и 2007 година кога се покажало дека пченицата содржи процент на олово над дозволеното, се уште нема јавно објавена анализа за безбедноста од употребата на овие земјоделски производи.
„ Никој никогаш не забранил и се сеело и се произведувало, но никој не докажал ниту дека има последици“, вели Колев.
Проблем за Пробиштип е и старата јаловишна депонија која со години ги труе жителите преку вода, воздух и почва. Никој не знае до кое ниво оваа стара депонија ги загадува и подземните води. Активните и старите јаловишта на рудниците се жешки еколошки точки во државата, потврда е и минато неделната несреќа во рудникот „Тораница“, кај Крива Паланка кога врз транспортниот цевковод падна карпа и јаловина се излеа на патот кон рудникот.