Над 100 илјади туристи престојувале во Македонија во јули годинава, од кои повеќе од половина се домашни туристи. Од странските најприсутни биле Турците, Србите и Холанѓаните. Меѓу побројните се и туристите од Полска, Бугарија и Грција.
Според податоците објавени од Државниот завод за статистика, бројот на странски туристи во јули е зголемен за 10,3 проценти, а за 13,1 отсто е намален кај домашните туристи во однос на истиот период лани.
Во јули бројот на туристи изнесувал 111.620 и во споредба со истиот период лани е намален за 4,5 проценти, додека бројот на ноќевањата бил 515.069. Зголемување за 7,4 проценти има кај ноќевањата на странските туристи, а бројот на ноќевањата на домашните туристи е намален за 9,1 отсто.
Во периодот јануари-јули во однос на истиот период од минатата година, бројот на туристи е зголемен за 2,8 проценти, додека бројот на ноќевањата остана на исто ниво.