Македонија и по две децении без развиено земјоделско задругарство

Од:

И по повеќе од две децении Македонија не може да се пофали со развиено земјоделско задругарство. Не само што сме далеку од светските, современи трендови, туку и кај постојните кооперации основните принципи на здружување не се почитуваат, беше речено на денешната трета сесија на Работната група за земјоделство на Националната конвенција за ЕУ во Македонија.

-Ова е тема на која не можеме да се пофалиме многу. И по 20 години не можеме да кажеме дека постигнавме успех, особено не комерцијален, каков што се очекуваше, истакна универзитетскиот професор и претседател на Здружението на агроекономисти Васко Хаџиевски.

Според професорот Јован Аждерски, во Македонија некогаш имало и до 1.000 задруги, а денес се 38 од кои дел постојат само на хартија. Немаат капитал, ниту се функционални.

-Каде е направена грешката? Законодавство имаме, но тоа не е доволно. Залудно е и најдобар закон да имаме, ако тој не се применува и ако некој не сфаќа дека е за негово добро. Веројатно сме таква нација и на земјоделците треба многу да им се укажува. Од формирање до застанување на здрави нозе се бара поддршка од Владата. Но, не е секогаш Владата виновна, а и законите се правени со намера да дадат резултати, укажа Аждерски.

Тој во почетокот на дискусијата се осврна на историјатот на задругарството, напоменувајќи дека покрај трите познати периоди пред меѓу и по двете светски војни, треба да дефинираме уште еден – по осамостојувањето на земјава, односно по транзицијата. Во периодот кога постоеле општи земјоделски задруги, нагласи, тројца можеле да формираат задруга.

-Ние сме далеку од современо задругарство. Мораме да го користиме светското искуство, од земјите што се далеку понапред, како Франција, Ирска, Холандија. кај нив преку 50 отсто од земјоделските производи, набавката на заштитни средства, механизацијата, преработката, одат преку задругите. Земјоделците мора да ги сфатат значењето и улогата на задругите. Задругите се нешто меѓу приватниот и општествениот сектор, претставуваат вид економско претпријатие кое третира социјала, укажа професорот.

Предочи и дека меѓузадружна соработка мора да постои, дека не смее да има дискриминација на членовите по ниту една основа, а клучен сегмент е и грижата за заедницата. Едукацијата на производителите е неопходна, како и образованоста на менаџерите. Тоа е посебен проблем зашто квалификувани кадри во мали средини како македонските села тешко се наоѓаат.

Пред присутните зборуваше и директорот на Хрватскиот центар за задружно претпримеништво Томислав Клариќ. Нужно е да се разбере, рече Клариќ, дека задругарството е бизнис и го развива стопанството во местото кадешто делува.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, пак, кој ја отвори дебатата, потсети дека е во тек проектот за техничка и финансиска поддршка на задругите. Проектот, како што рече, предвидува еден милион евра од кои по 50.000 до 80.000 се планирани за осум постоечки и 12 новоформирани задруги. Досега се доставени 20 апликации од постојни задруги и уште 32 од субјекти кои сакаат да формираат задруга.

Работната група за земјоделство која досега има одржано две сесии, ги отвори прашањата за ИПАРД и за кредититрање во земјоделството.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници