Парите за грозје предадено пред неколку години најдоцна до крај на февруари, субвенции до Свети Трифун. Вака се обратија кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски пред тиквешките лозари на градскиот плоштад во Кавадарци.
-Од Платежната агенција имаме ветување дека до верскиот празник Свети Трифун, кој се смета за заштитник на лозарите, по основ на површина земјоделско земјиште, ќе бидат исплатени субвенциите. По основ на еден денар за откупен килограм грозје во 2018 година, парите исто така ќе бидат исплатени до крај на февруари, информираа тие.
Јанчев нагласи дека ова е една голема одлука на Владата и додаде дека не памети вакво нешто.
Министерот Николовски рече дека ова е вистински пример за грижа за граѓаните, кога пред лозарите појасни како ќе бидат надминати проблемите кои се наследени, а се однесуваат за неплатено грозје од пред неколку години.
Се заблагодари до сите кои учествуваа во решавањето на проблемите на лозарите и затворањето на ова, како што рече, историско прашање. За достоинствени и горди лозари од лозарството како значајна гранка, бренд за Тиквешијата. Притоа тој нагласи дека за четири милиони евра е поголем девизниот прилив лани, токму од извозот на грозје. За девет отсто е зголемена вредноста на извезеното вино од Македонија.
Денеска во Кавадарци беа градоначалниците на четирите општини од Тиквешијата.