Младите на ЛДП укажуваат дека по 7 години од владеењето на ДПМНЕ, не може да се скрие вистината дека Македонија е на првото местo во Европа, по бројот на невработени млади луѓе.
Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека младите на возраст до 24 години го сочинуваат најголемиот процент на невработените во Македонија. Поточно, од вкупниот број на невработени, 53,5%, се на возраст до 24 години, 28,3%, од 25 до 49, а останатите 24% се возрасни од 50 до 64 години.
Либерално-Демократската Младина е сериозно загрижена за ваквата состојба во државата од која најмногу штета имаат токму младите луѓе. Повеќе од јасно е, велат, дека младите масовно со карта во еден правец ја напуштаат татковината и што е уште позагрижувачки, како никогаш до сега овој процес на иселување од година во година е се помасовен. Владата на ДПМНЕ и покрај големиот број на партиски вработувања не само што не успеа да го спречи или намали трендот на пораст на процентот на невработени млади луѓе, туку тој достигна енормни загрижувачки размери.
Јавно прашуваат: Oва ли е преродбата која ДПМНЕ им ја вети на сопствените граѓани вклучувајки ги и младите? Релевантните светски агенции за невработеност, Македонија веќе ја споредуваат во светски, а не во европски рамки. Дали Владата смета дека за ваквите податоци, повторно се виновни младите?
Со масовното иселување на младите и огромениот процент на невработеност, повеќе од очигледно е дека Македонија денеска се соочува со демографска катастрофа која ќе има далекусежни последици.
ЛИДЕМ ја повикува Владата, наместо да ја прикрива неспособноста со тоа што ќе ги обвини младите, веднаш да создаде реални услови во кои тие ќе можат да ги валоризораат стекнатите знаења. Крајно време е да се создадат услови со кои ќе се обезбеди достоинствен живот на младиот човек.