Во оваа година има назадување во делот на работничките права и дека во нашата држава не функционира социјалниот дијалог. Ова го посочи претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски на денешната Национална конференција на КСС за синдикални права, на тема „Улогата и влијанието на синдикатите во општеството”.
– Социјалниот дијалог не функционира и е само една маска за да се претстави дека нешто се случува. Но, не се случува ништо. Без притисок од наша страна не може да дојдеме до никакви права кои ни се загарантирани со закон, рече Ралповски.
На новинарско прашање дали очекуваат некакви подобрувања со новите измени во Законот за работни односи, тој истакна дека гледаат оти „нема ништо од законот“. Тој додаде дека ова е само „една празна дебата во која властите се обидуваат да кажат дека има социјален дијалог“ и дека се случуваат некакви промени во делот на работничките права.
Ралповски посочи дека во 2020 година, доколку немаат разбирање од страна на власта, тие како синдикат ќе продолжуваат со одржување на протести и штрајкови за да ги добијат работничките права загарантирани со закон.
Универзитетскиот професор Лазар Јовевски во обраќањето на конференцијата посочи дека практичната имплементација и примена, надзорот на контролата и јакнењето на свеста и кај работодавачите и кај вработените во однос на суштинското прашање за коешто се однесува на примената на правата од работен однос предвидени во Законот за работни односи и во останататите закони, кои се однесуваат на овој сектор, се суштински предизвик за нашето општество и за нашиот трудово-правен систем.