Компанијата „Кранфилд фаундри“ за фабриката за леење железо во индустриската зона „Неокази“ кај Пробиштип ќе добие државна помош за реализација на инвестицијата што сега се зголемува од 15 на 20 милиони евра, со отворање најмалку 100 нови работни места.
Анекс на Договорот денеска потпишаа министерката без ресор задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска во име на Владата на Република Македонија и Сергеј Кручинин претставник на компанијата.
Станува збор за изградба на современа фабрика за леење на железо во индустриската зона „Неокази“, општина Пробиштип, која ќе работи според највисоките еколошки стандарди и ќе испорачува производи главно наменети за автомобилската индустрија.Со реализација на целата инвестиција бројот на вработени треба да достигне 280.
Министерката Апостолска истакна дека зголемувањето на вредноста на првично планираната инвестиција е најдобар сигнал за позитивните економски промени кои се случуваат во Македонија како резултат на мерките од владиниот План за економски раст.
– Владата уште еднаш го потврдува својот партнерски однос што го гради кон странските инвеститори и ја демонстрира својата максимална посветеност за отстранување на сите пречки со кои се соочуваат инвеститорите во реализација на нивните проекти во Македонија, рече министерката Апостолска.
Од страна на компанијата се реализирани сите подготвителни градежни активности, потпишани се договори со добавувачите за производствениот капацитет, како и за набавка и инсталација на потребната опрема за производство. Дел од машините за производство веќе се увезени во Македонија и од страна на компанијата се договорени првите нарачки со клиентите за испорака на производите.