Раководството на АД ЕСМ, поранешна ЕЛЕМ, во јануари 2017 година, а можеби и пошироки структури на државно ниво, ја подготвиле ситуацијата во енергетската компанија за таа да биде погодна за скап увоз на струја, рече денеска на прес-конференција директорот на Електрани на Северна Македонија АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Според него, актуелниот лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој раководеше со ЕЛЕМ во тој период, во јануари 2017 година увезе струја по цена и до 240 евра за MWh и потроши 5.600.000 евра.
-Подготовката на увозот почнала претходно, кога на 29 декември 2016г Мицковски бара од Регулаторната комисија за енергетика да им ги пратат правилата за набавка на електрична енергија. На 5 јануари 2017г добиваат решение од регулаторната комисија за одобрување на правилата за набавка на струја, и веднаш, од 8ми јануари го започнуваат скапиот увоз на струја.Истовремено, уште додека ја чекале дозволата, извршиле исклучување на блокови во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Почнале и засилено да ги експлоатираат хидроелектраните и да ја трошат цела вода, додека во исто време го организирале увозот на струја по фантастично високи цени. Ниските температури со кои денес се правда Христијан Мицкоски не се никакво оправдување. Ниски температури имало секогаш, а во битолскиот регион низ годините наназад редовно паѓале и до минус 25 и до минус 27, рече Ковачевски, дополнувајќи дека раководството на чело со Мицковски ја внело компанијата во грејната сезона без доволно јаглен и со неремонтирани блокови.
Дали ова било планирано или не било планирано, како што истакна, одговор може да даде само Мицкоски.
Според Ковачевски, ВМРО ДПМНЕ ја раководеше ЕЛЕМ од 2006 до 2017 година и постојано и свесно ја носеле компанијата кон ослабување на нејзините капацитети за таа да стане зависна од надворешни фактори, преку кои ќе може да се злоупотребуваат нејзините ресурси за нечија лична корист
-Ненаправените ремонти, кои се обврска и се дел од производниот процес, неодржувањето на капацитетите, неинвестирањето, ненабавувањето на сопствена механизација и континуираното расходување на сопствената, довеле да тогашно ЕЛЕМ, државниот производител на електрична енергија, да го клекнат на колена за да можат преку него да ги реализираат и капитализираат своите планови, а се на штета на граѓаните, рече Ковачевски.