Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Радовиш оставри средба со градоначалникот на општината, Сашко Николов, посети неколку преработувачки капацитетите и се сретна со земјоделци во подрачната единица на Министерството и во селото Ораовица.
Коњановски истакна дека општина Радовиш е земјоделски крај во кој околу 6.500 земјоделци произведуваат и земаат субвенции.
– Само за последните три години земјоделците од општина Радовиш имаат заслужено добиено повеќе од 14 милиони евра субвенции, односно повеќе од 870 милиони денари. Тоа е исклучително значајно за земјоделството во Република Македонија и за развој на овој крај, рече Коњановски.
Посочи дека денеска дошол во посета на еден преработувачки капацитет, бидејќи во тек е бербата на пиперката.
– Задоволен сум затоа што откупната цена во овој момент изнесува околу 18 денари, а и по она што го слушнав од оние кои што ја произведуваат пиперките, тие горе доле се задоволни од откупната цена, рече Коњановски.
Тој додаде дека преработувачката индустрија од година во година бележи развој. – Ако во 2003 година имало преработка на 23.000 тони земјоделски производи, веќе во текот на минатата година производство во преработувачките капацитети достигна до 54.000 тони, рече Коњановски.
Прашан каква е состојбата со откупот на грозјето во земјава, заменикминистерот рече дека денеска претставници од Министерството за земјоделство се на терен во Неготино, Кавадарци и Росоман.
– Мислам дека откупот на грозје во последните неколку години се стабилизира. Донесовме многу добар Закон за вино, кој зедно го работевме со лозарите и со откупувачите, но и со винариите. Мислам дека и едните и другите сфатија дека се потребни едни на други и веќе се градат едни фер односи. Годинава откупната цена на грозјето на некој начин беше договорена меѓу производителите и преработувачите со подршка на Министерството за земјоделство, рече Коњановски.
Тој истакна дека годинава лозарите имаат добар род, а со оглед на откупните цени на грозјето, нагласи, ќе има и задоволни земјоделци.