Изминативе години ВМРО-ДПМНЕ покажа како може да се инвестира во земјоделството и да се поддржува македонскиот земјоделец, како со искрен и посветен пристап може да се подобруваат работите, состојбите, да се остваруваат позитивни резултати во аграрот, рече денеска Зоран Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ и заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопатсво.
– Покажавме како поддршката кон земјоделците од неколку милиони евра во времето на СДСМ може да достигне до 135 милиони за само една година и уште повеќе во наредните години. Покажавме дека ветеното во земјоделството доследно го исполнуваме, потенцира Коњановски на денешната партиска прес-конференција.
Земјоделската политика, додаде, останува врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Развојот на земјоделството и достигнувањето на европските стандарди остануваат наша цел. Затоа од вкупно 10.112 проекти предвидени во програмите на 70-те кандидати за градоначалници, значаен дел отпаѓаат на земјоделството. Во соработка со општините и земјоделците досега реализиравме повеќе проекти за подобрување на локалната инфраструктура во руралните средини, локалниот економски развој на општините и подобрување на условите за живот во руралните средини, посочи Коњановски.
Тој потсети дека со владините мерки за развој на руралната инфраструктура од Програмата за финансиска поддршка се спроведени 57 инвестициски проекти за изградба на локални патишта, пристапни патишта до земјоделските површини, плоштади во руралните средини и уште низа инфраструктурни проекти во руралните средини. За оваа цел, согласно петгодишната програма, средствата за оваа намена дополнително се зголемени. Во повеќе општини се поддржува и модернизацијата на сточните пазари, како и на пазарите на големо.
Осврнувајќи се на сработеното во агрокомплексот, Коњановски рече дека изминатиов период се продадени 7 локации за изградба на откупно-дистрибутивни центри во општините Чешиново – Облешево, Кочани, Штип, Врапчиште, Богданци и Ресен, а дополнително се утврдени и во општините Босилово, Струмица, Василево, Могила, Кавадарци, Лозово, Карбинци, Градско, Илинден, Пехчево, Ресен и Долнени.
– Успешната политика во областа на земјоделството ќе продолжи. Во Програмите на престојните локални избори кандидатите за градоначалници нудат проекти кои ќе обезбедат максимално поволни услови за унапредување на земјоделството. Станува збор за исклучително значајните проекти за рехабилитација и реконструкција во постојните системи за наводнување како што се: ХС Брегалница, со кој се опфатени сите општини од источниот плански регион, ХС Струмица и ХС Радовиш, со кој се опфатени општините од југоисточниот плански регион, како и ХС Полог и ХС Куманово, проекти со кој се опфатени општините од овие региони, порача Коњановски.
Тој најави дека во соработка со општините наредните четири години ќе завршат и фазите за изградба на брана на Оризарска Река, брана Конско, за наводнување на јужно – вардарска долина, за изградба на систем за наводнување на земјоделските површини од ХС Злетовица, системот за наводнување Маркова река во општина Струмица.
Во делот на подобрување на економскиот развој на општините и зголемувањето на туристичката понуда, е предвидено, рече, дефинирање и продажба на локации за винарии во Велес, Кавадарци, Неготино, Росоман, Дебарца, Охрид, Битола, Струмица, Куманово, Валандово, Кратово, Штип и Свети Николе.
Во насока на продолжување на комуникацијата со земјоделците и доближување до нив, уште оваа година се планира отворање нови канцеларии на подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Брвеница, Росоман, Босилово, Василево, Старо Нагоричане, Јегуновце, Кривогаштани, Врапчиште и Боговиње.
– Кандидатите за градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се луѓе кои гарантирано ќе го продолжат нашето партнерство со земјоделците. Тие, со поддршка на советниците, ќе продолжат со реализација на илјадниците проекти кои се составен дел од програмите за секоја општина. Секој кандидат за градоначалник има конкретна визија за развојот на земјоделството во неговата општина. Тоа е дополнителната причина за нивна поддршка и за реализирање нови проекти во областа на земјоделството во секоја општина, подвлече Зоран Коњановски.