Коњановски: Со договорно производство до осовременување на аграрот во државата

Од:

Договорното земјоделско производство е најсигурно, а довербата меѓу произведувачите, откупувачите и преработувачите е неминовна, е заклучокот од денешната работна сесија на земјоделците и преработувачите од Струмичкиот регион.

Во организација на Федерацијата на фармери на Македонија и фондациите АЦЕ и МЦГ денеска во Домот на АРМ во Струмица се одржа работна сесија на тема „Развој на договорното производство во земјоделството, на кое учествуваше и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.

Пред присутните производители и преработувачи, Коњановски ја нагласи потребата од заживување на договорното производство како организиран облик и неминовна потреба на двете страни во процесот на производство и преработка и пласман на земјоделските производи.

– Во секој мој настап и средба со земјоделците и преработувачите ја истакнувам неминовноста од постоење заеднички договори, бидејќи само договореното производство е најсигурно. Договорот гради куќа, рече Коњановски.

Тој додаде дека во рамки на Агро Советот, има подгрупи во кои секојдневно се  јакне дијалогот и се изнаоѓаат нови мерки за уште поуспешно договарање. – Ние во овој период го стимулиравме и откупот и преработувачите со 1,5 и 2 денари за откуп на овошје и зеленчук. Оваа мерка беше добродојдена и за двете страни, а со тоа го зголемивме процентот на преработени земјоделски производи со додадена вредност и можност за пласман на странскиот пазар. Ги охрабрувам и двете страни да ја јакнат меѓусебната доверба, зашто во случај на непочитување на договорот, на подолг рок, губат и двете страни, истакна Коњановски.

Според него, првите резултати и анализи се охрабрувачки. – Ние со сите мерки ќе настојуваме оваа категорија, на писмени и усни договори, да заживее, со што ќе придонесеме до осовременување на аграрот во државата, рече Коњановски.

Претседателот на ФФМ Андреја Секуловски рече дека оваа заедничка средба на земјоделците и преработувачите, е добар пример за зацртување на следните активности во подобрувањето на заедничкото договарање меѓу производителите и преработувачите.

– Денешната средба е само една форма на комуникација и дијалог од кој ќе произлезат заклучоци важни и за двете страни. Договарањето го разбираме како процес. Тоа постоело и пред 50 години, постои и денеска, а како процес ќе постои и во иднина. Класични договорни проблеми има  постојано, а отстапки се прават и од двете страни, така што многу загуби и проблеми имаат и земјоделците. Гледано на долг рок, треба да постои подобра комуникација, поголема едукација и обединување на земјоделците, развој на кооперативно здружување, како и внесување нови технологии во земјоделското производство со цел поконкурентно и попрофитабилно производство, рече Секуловски.

Претставниците на Асоцијацијата на преработувачите во Македонија укажаа на појавата на отстапувања и неисполнување на договорите од страна на земјоделците во однос на количините, времето на пласман и квалитетот. Но, сепак, посочија и голем број позитивни страни во рамките на договорното производство, кое, како што рекоа, ги прави нивните преработки поконкурентни и на пазарите надвор од Македонија.

Би можело да ве интересира

Лефков: Владата го зголеми Буџетот за земјоделство, фокус модернизацијата и наводнувањето

СДСМ: ДПМНЕ ги заглави субвенциите а се фали со мерките на СДСМ за јачменот, пченицата, грозјето

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

A1on

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници