Коњановски: И покрај кризата, рекордни резултати во извозот на македонските земјоделски преработки

Од:

И покрај светската економска криза, македонското земјоделство и преработувачката индустрија во делот на извозот продолжуваат да остваруваат рекордно високи резултати, истакна заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната средба со членовите на Здружението на преработувачи на овошје и зеленчук – МАП.

– Во 2010 извозот беше рекорден со реализирани 424 милиони евра, лани изнесуваше 469 милиони, а годинава заклучно со септември достигна 350 милиони евра. До крајот на 2012 очекуваме да се постигне нов рекорд во овој сегмент, нагласи Коњановски.

Истовремено, посочи, се зголемува и извозот на преработки од овошје и зеленчук, од 11,6 милиони долари во 2001 на 45,4 милиони во 2011. Во 2001 година беа произведени 21.000 тони преработки на овошје и зеленчук, а во 2011 вкупно 53.000 тони.

– Радува фактот дека компаниите ја финализираат 2012 година со уште подобри резултати. Тоа е дополнителен предизвик за нас, да продолжиме со заедничка работа, со поддршката на оваа гранка и изработката на маркетинг стратегиите. Само така можеме да се движиме во вистински правец, потенцира заменик министерот.

Тој најави интензивни обуки за земјоделците со цел обезбедување поголем квалитет и повисоки стандарди. Воедно апелираше преработувачите да го поттикнуваат договорното производство зашто тоа е начинот за постигнување конкурентност.

– Имаме со што да се пофалиме на странскиот пазар и таа можност треба да ја искористиме. Преку дијалогот што го воспоставуваме меѓу производителите и откупувачите, инвеститорите и институциите, учествуваме во градењето на модерно земјоделство, рече Коњановски.

Осврнувајќи се на владината поддршка, тој потсети на поволните кредитни линии за преработувачите, 500.000 евра со камата три отсто, како и на дополнително воведените 1,5 и 2,5 денари за градинарските култури предадени  во преработувачките капацитети и двата денара за килограм предадено овошје. Идната година, подвлече, продолжува и поддршката за учество на меѓународните саемски манифестации.

Преработувачите потврдија дека во време кога индустриското производство опаѓа поради кризата, тие во континуитет бележат позитивни резултати.

– Во однос на производството ова е рекордна година. Времето се погоди, минатиот месец преовладуваше топло време, имаше доволно суровина. И извозните резултати се подобри од лани. Во следната, 2013 година, не очекуваме поголеми проблеми. Сепак, останува да видиме како ќе биде организиран извозот и со кои пречки ќе се соочиме, изјави Сашо Ристески од МАП.

Според него, домашните производи генерално ги задоволуваат основните стандарди за безбедност и квалитет диктирани од ЕУ. Стандардите, пак, што ги наметнуваат големите приватни маркети во Западна Европа, се предност и истовремено закана за македонските производи. Но, ако еднаш се постигнат, отвораат огромен пазар.

Членовите на Здружението на преработувачи на овошје и зеленчук се стабилни и постојано ги подобруваат перформансите. Оваа индустрија, рече Ристески, треба да се негува и поддржува зашто мотивира и носи напред. Поголема количина суровина значи поголема доверба и соработка со примарниот сектор, повеќе откуп и повеќе пари за земјоделците.

Минатата година 90 отсто е преработка на зеленчук, овошјето како компонента учествува со само 10 проценти зашто го нема во количини колку што се бараат. Главни извозни пазари се земјите од ЕУ, околу 50 отсто, регионалните пазари, соседството,Хрватаска, БиХ, Црна Гора, Косово кеде што има тенденција на зголемување на извозот, како и Србија како наш досегашен традиционален партнер. Не е занемарлива и количината која оди во прекуокеанските земји, Канада, САД и Австралија. Таму, велат, преработувачите, исто така има шанси за интензивирање на пласманот.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Љупчо Николовски доделил 2.5 милиони евра надвор од процедура

Орце Костов

МЗШВ: Усвоена Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година

Македонското земјоделство ги доби првите сертифицирани советници

Николовски: 2024-та ќе биде година на нови предизвици, продолжуваме со силна реформска земјоделска политика

Николовски од Делчево: Ги повикувам сите земјоделци навремно да аплицираат, остварувајќи го правото на дополнителите директни плаќања за полјоделски култури, градинарски култури, овошни и лозови насади

Николовски: Ја носиме Европа дома, за просперитет на секој земјоделец, за пласман на домашните производи на европскиот пазар