Државниот пазарен инспекторат утврди дека кичевската компанија „Евротим“ во свој склад во Ресен чувала мазут кој отстапува од пропишаниот квалитет и ѝ забрани на фирмата да го продава.
– Надлежните институции продолжуваат со постапувањата во врска со случајот за увоз на мазут и нафтени деривити. Државниот пазарен инспекторат ги доби резултатите од земените дополнителни мостри од скалдот за мазут во Ресен, во сопственост на компанијата „Евротим ГДС ДООЕЛ Кичево“. Според анализите, констатирано е дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Поради констатираните отстапувања на квалитетот на производот, од страна на ДПИ е донесено решение за забрана за промет на производот мазут, кој е затекнат во складот на економскиот оператор „ЕВРОТИМ ДООЕЛ Кичево“, се наведува во соопштението на ДПИ.
Инспекторатот, додаваат оттаму, уште при првичните контроли во компанијата „Евротим ДООЕЛ Кичево“, изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут, затоа што тогаш кај две цистерни на компанијата беа утврдени отстапки од граничните вредности на мазутот што го увезува оваа компанија. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараа согласно Правилникот за кавлитет на течни горива. По задолжение од ДПИ, тогаш двете цистерни од кои беа земени мострите, беа вратени кај добавувачот, по што следуваа последните дополнителните анализи.
Во соопштението се додаве дека по зададените владини задолженија, сите надлежни институции навреме, во рамки на дадените рокови, доставија информации околу овој проблем, секој во согласност на надлежностите. Целата документација, со сите наоди од надлежните институции, веќе се доставени во Основното јавно обвинителство – Скопје, за понатамошно процесурирање и постапување согласно нивните надлежности.