Танјуг – Белград
Врвните менаџери во Хрватска примаат плати кои се малку над двојно поголеми од просечните плати во таа земја.
Нивната плата е 115 отсто поголема од просекот, а меѓу најплатени се занимањата од подрачјата на технологијата и развојот, човечките потенцијали, телекомуникациите, управувањето со квалитетна и информатичка технологија, покажува истражувањето кое го спроведе порталот MojaPlaća.hr.
Истражувањето опфати 345 работни места од 36 дејности, а покажува дека во третиот квартал на оваа година просечната нето плата во Хрватска изнесувала 5.397 куни (701 евро), што е за два одсто повеќе отколку во претходниот квартал и два одсто пвеќе во однос на истиот период минатата година.
Стручните лица од подрачјето на технологија и развој имаат плати кои се 55 отсто поголеми од просекот, од човечките потенцијали 37 отсто повеќе, телекомуникации 35 отсто повеќе, а од областа на управување со квалитет за 31 процент и од информатичките технологии за 29 отсто.
Анкетата покажала, исто така, дека лицата со завршен факултет имаат 51 отсто поголема плата во однос на тие со средношколско образование и воедно 21 отсто поголема од просечните, додека завршената магистратура и докторат ја зголемува платата за дури 105 проценти во однос на средната стручна подготовка.
Во однос на просечната плата, испитаниците со средна стручна подготовка имаат просечно 20 отсто пониска плата, додека испитаниците со постдипломски или МБА училишта имаат 64 отсто поголема плата од просекот.
Најмала просечна плата имаат работниците со помошни занимања кои примаат 43 орсто помала од просекот, потоа во услужните дејности 36 отсто помалку, додека платите во текстилната и кожната индустрија се 36 отсто помали од просекот.
Истражувањето покажа и дека во последните три месеци мажите имале во просек девет отсто поголема плата од жените. Мажите во просек заработуваат 5.618 куни, а жените 5.144 куни.
Платите во приватните фирми во странска сопственост се поголеми за 13 отсто од просекот и изнесуваат во просек 6.098 куни, додека во фирмите во претежно домашна сопственост се најниски и изнесуваат 5.042 куни, што е за седум отсто помалку од просекот.
Платите во државните фирми се за седум отсто поголеми од просекот и изнесуваат 5.771 куни.