Двата пара возови од Скопје за Битола кои Македонски железници ги укинаа кон крајот на октомври се враќаат во возниот ред откако државната компанија набави резервни делови и ги сервисираше во рок од четири месеци.
Од минатиот петок повторно сообраќа возот од Скопје за Битола кој поаѓа во 6,53 часот и се враќа назад за Скопје со поаѓање од Битола во 18,24 часот. Од утре пак ќе започне да сообраќа и третиот патнички воз, кој од Битола за Скопје поаѓа во 12,48 часот, а од Скопје кон Битола тргнува во 20,04 часот.
Двата патнички воза беа укинати на 24 ноември лани и оттогаш оваа релација сообраќаше само еден патнички воз кој од Битола за Скопје тргнуваше во 3,13 часот наутро и се враќаше од Скопје попладне во 14,30 часот.
За поправка на кинеските моторни возови кои беа набавени пред осум години, Железници АД -Транспорт објави тендер за набавка на резервни делови за дизел возовите од серијата 711, при што во постапката беше планирана набавка на хидраулични амортизери, сензори за дизел мотори и други резервни делови кои беа неопходни за поправка на возовите.
Целокупниот тендер за резервните делови беше со проценета вредност од 12,5 милиони денари или околу 200.000 евра.