Железничкиот внатрешен сообраќај од попладнево е во прекин како резултат на незадоволството од нередовната исплата на платите и здравственото осигурување, изјави претседателот на Независниот синдикат на машиновозачите при МЖ Транспорт, Латко Јовановски.
Синдикатот бара редовна исплата на платата, навремено добивање сини картони и повлекување на тужбите против машиновозачи.
– Сообраќајот ќе биде прекинат со тоа што сите возови коишто го почнале возењето, ќе го довршат. Сите товарни и меѓународни возови ќе ја однесат стоката до крајната дестинација. Не сакаме да направиме штета на „МЖ Транспорт“ АД Скопје, дадовме простор од три дена, но никој не се огласи на нашите барања, истакна Јовановски.
Според него, кон одлуката за штрајк се приклучиле и останатите синдикати во МЖ Транспорт.
Штрајкот ќе трае додека не се исполнат нивните барања, а од синдикатот велат дека вечерва ќе имаат средба со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.