По неколкудневната откупна цена од 20 денари за килограм, од вчера пролетната зелка се откупува за 27-28 денари, но трговците велат дека се потешко можат да ги испорачат договорените количини на странските партнери, бидејќи производството на оваа градинарска култура привршува.
Според трговецот Блажо Витанов од компанијата „Империјал фрут“, се остваруваат предупредувањата дека намалените површини засеани со пролетна зелка можат да доведат до неисполнување на договорените обрврски кон странските купувачи.
-И покрај зголемената откупна цена од 27-28 денари за килограм пролетна зелка, едноставно нема доволно колични. Буквално барам килограм повеќе за да можам да ги исполнам договорите со моите партнери. Конкретно четири камиони чекаат да бидат натоварени со зелка, но производство нема, вели Витанов.
И земјоделците потврдуваат дека пролетната зелка е при крај, но според нив тоа се должи на нефукцинирањето на договорното производство, но и на лошите временски услови некарактеристични за овој период од годината.
-За да немаме такви ситуации производството да завршува кога најмногу се бара, потребно е пред почетокот на производствената сезона откупувачите да склучат договори со производителите врз основа на нивните договори со странските партнери и на тој начин земјоделецот да знае колку и за кого треба да произведе, вели Ристо Велков, од Сојуз на синидикат на земјоделви Струмица.
Додава дека од неговото четириест годишно искуство како земјоделец досега немало толку лоши временски услови за производителите како што е годинава.
-Мораме да бидеме на јасно дека климатските промени драстично влијаат на намалувањето на производството на градинарските и земјоделските култури. Сега тие се одразуваат на пролетната зелка, но истото ќе се случи и со производството на краставици, домати, пиперки и другите култури. Треба што побргу и како држава и како земјоделски производители да размислуваме како да ги надминема неповолните климатски промени, па дури и да размислуваме за производство кое е отпорно на нив, смета Велков.
Деновиве во струмичко краставицата се откупува за 50 денари за килограм, а откупната цена на доматите изнесува 100 денари.
Инаку, пролетната зелка од овој регион трговците претежно ја пласираат на пазарите во Србија, Хрватска,Романија и Украина.