Од Нова година почнува со работа новата фабрика за производство на индустриски ластик на турската фирма „Јагјемезлер“, која веќе 10 години има своја текстилна компанија во индустриската зона во поранешниот Текстилен комбинат „Македонка“ во Штип.
На компанијата денеска и пристигнаа дополнително 12 специјализирани машини, кои заедно со претходните ќе бидат и инстализирани за производство. Моментно се бараат 150 невработени млади лица кои ќе се обучуваат за производство во новата фабрика.
Сопственикот на „Јагјемезлер“, Рахми Каја вели дека оваа инвестиција чини околу 9 милиони евра. Но, плановите не му застануваат и најавува дека во план им е и отварање голема фабрика за производство на индустриски ластик во ТИР зоната во Штип.
– За фабриката која планираме да ја градиме во ТИР зоната во Штип потребни ни се 25000 метри квадратни, а за овој наш план ќе разговараме со градоначалникот на Штип и секако со претставници на Владата. Планираме во оваа фабрика да имаме 500 машини за производство на индустриски ластик. Значи една година ќе работеме овде во оваа фабрика со 100-те нови машини и ќе се обучуваат работниците, откако ќе го усовршиме производството ќе преминеме кон изградба на фабрика во ТИР зоната, вели Каја.
Тој додава дека плановите им се во фабриката за производство на ластик во ТИР зоната да инвестираат околу 50 милиони евра. Според него, Владата во изминатиот период ги поддржува инвеститорите, а секако тие се должни и да си ги исполнат и своите обврски. Оваа компнаија во Штип веќе 10 години произведува текстилни материјали, но и деним производи, кои само 2 проценти се пласираат на домашниот пазар, а останатото производство е на пазарите во Турција и Европа.
Каја вели дека е во завршна фаза и изградбата на пречистителната станица за постојната фабрика за текстилно производство. Пумпите за оваа пречистителна станица денеска пристигнаа заедно со софистицираните машини. Се очекува за еден месец да ја пуштат пречистителната станица, која ќе ја обработува отпадната вода што се користи во производството, а потоа пречистена ќе се испушта во градскиот колектор.