Новиот буџет на десничарската италијанска влада на Џорџа Мелони ќе изнесува 30 милијарди евра и ќе биде насочен кон ограничување на цените на енергијата. Во италијанскиот парламент утре ќе се расправа за предлог-буџетот, а се предлага и укинување на ДДВ-то за леб, млеко и тестенини за една година.
Со овој потег италијанската Влада се обидува да испрати порака дека се грижи за најсиромашните граѓани за време на криза, но опозицијата и здруженијата за правата на потрошувачите предупредуваат дека тоа е популистички и многу генерален предлог кој не ги таргетира најсиромашните, туку ги таргетира и најбогатите.
Кодаконс, италијанска организација за заштита на животната средина и правата на потрошувачите, вели дека оваа мерка на Мелони е всушност блеф кој нема да им помогне на граѓаните. Тие наведуваат дека намалувањето на ДДВ за лебот и млекото би создало минимална заштеда за потрошувачите од 15,8 евра по семејство годишно, пишува италијанскиот портал Анса.
Според податоците на италијанскиот национален институт за статистика (Истат), просечно семејство во Италија годишно троши 261,72 евра за леб, 140,40 евра за тестенини и 142,08 евра за млеко. Во случај на укинување на ДДВ, вкупната годишна заштеда е 21,56 евра. Италијанците би заштедиле 10,7 евра за леб, 6,90 евра за млеко и 5,40 евра за тестенини, покажуваат податоците на Истат.
– Намалувањето на ДДВ за лебот, тестенините и млекото е медиумска мерка која не носи вистински бенефит за потрошувачите. Доколку владата навистина сака да ја поддржи потрошувачката на домаќинствата и да се бори со негативните ефекти од инфлацијата, треба да се намали ДДВ за сите прехранбени производи и основните потреби. Тоа е интервенција што би довела до просечна годишна заштеда од 180 евра за двојка без деца и до над 300 евра за семејство со повеќе од едно дете, изјави за Анса, Карло Риенци, шеф на италијанското здружение на потрошувачи.
Од најавеното намалување на ДДВ не се задоволни ниту пекарите во Италија. Поради високите трошоци за материјали, состојки и енергија тие веќе ја покачија цената на лебот за 10 до 12 отсто.
За да профункционира предложената мерка од буџетот, пекарите ќе треба да ја намалат цената на лебот за речиси четири отсто и покрај зголемените трошоци и инфлацијата. Активистите предлагаат владата да го намали и ДДВ-то за струја и гас.
Исто така, сметаат дека треба да се обнови и исплатата на бонусот од 200 евра, што е предлог на италијанскиот претседател Марио Драги. Тие наведуваат дека на овој начин може да се даде конкретна помош за најзагрозените граѓани.
Извор: МИА