Девет компании од земјоделскиот сектор имаат искористено средства од поволниот кредит што го пласира Македонската банка за поддршка на развојот. Поддршката на овие компании е 2,8 милиони евра. Од Банката информираат дека во фаза на одобрување се нови четири барања во вкупен износ од 800.000 евра.
Кредитната линија е наменета претпријатија кои се занимаваат со производство, откуп и пласман на земјоделски производи, а целта е да им се помогне на компании во услови на криза. Достапна за фирмите е од јули годинава.
Средствата ги обезбеди Владата преку докапитализација на Македонска банка за поддршка на развојот и се пласираат директно преку оваа банка, а не преку комерцијалните банки. Каматната стапка е само три проценти, рок на отплата од пет години и грејс-период од една година. Услови, кои според Владата, ги немало во овие 20 години.
Овие 11 милиони, заедно со кредитната линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка, се директна поддршка на стопанството во услови на нарушена ликвидност и зголемени проблеми поради европската должничка криза. Таа дава дополнителна можност за подобрување и развој на производните и конкурентските способности на малите и средни претпријатија. Преку поддршката на компаниите во овој сектор, индирекно се поддржуваат и земјоделците на кои навреме им се исплаќаат откупените производи.