По летниот ремонт, печките во фабриката „Фени“ во Кавадарци се исклучени поради високата цена на струјата, а вработените стравуваат за работните места. Засега велат дека им се исплаќаат плати, но намалени на 70 отсто. На работа одат една седмица во месецот, останатите три се дома. Фабриката има околу 1.000 вработени.
„И кога сме на работа немаме некои обврски. Печките се исклучени, производство нема. Плата ни исплаќаат, ни кажаа дека со ваков режим ќе работиме до 15 декември, што понатака не знаеме“, вели вработен во „Фени“ за „А1он“.
Од „Еуроникел индустри“, домашен претставник на швајцарскиот фонд „ГСОЛ“ кој во 2018 година ја презема фабриката „Фени“, за „А1он“ велат дека не се планирани отпуштања на работници, исто како што рекоа и во јули годинава кога почна годишниот ремонт.
Од компанијата велат дека немаат производство од 1 јули. До 15 септември сите биле вклучени во ремонтни активности. Од 15 септември вработените се на платен одмор, земаат 70 отсто од платите. Целиот тој период, и покрај тоа што нема производство и не генерираат приходи, сите трошоци, вклучително и плати, ги исплаќаат од сопствени средства. Отпуштања во овој момент не се планирани, интензивно се работи на проекти за алтернативни извори за електрична енергија во недостиг на други решенија. Доколку државата излезе со мерки за поддршка, од компанијата велат дека ќе можат час поскоро да се вратат во режим на работа кој има за цел само да го одржи работниот процес, работните места, коминтентите, пазарите и приходите кои влегуваат во државната каса.
Премиерот Димитар Ковачевски во понеделникот на пуштањето во употреба на соларната централа во Свети Николе рече дека се бара решение за снабдувањето со струја на големите потрошувачи, меѓу кои фабриката „Фени“ ја издвои како нерентабилна, а рудникот „Саса“ како рентабилен и покрај енормното зголемување на цената на струјата.
„Ако го земеме Фени, како најголем потрошувач на електрична енергија од бизнисот во државата, кај нив и цената на фероникелот на светските берзи е падната, така што и со помала цена на електрична енергија пак не можат да обезбедат рентабилно работење, затоа што тие немаат руда во Македонија. Тие руда носат од Јужна Америка од рудници, па ја носат со бродови до Драч, од Драч со камиони ја носат до Кавадарци. Кога ќе вкалкулирате зголемена цена на бродски транспорт, последното зголемување на бродски транспорт беше некаде од 10-15 пати за контејнерски транспорт и зголемување на цената на камионскиот транспорт, кој тие го имаат од Драч до Кавадарци, тогаш имате енормно зголемување на трошоците без вкалкулирање на струјата при намалена цена на фероникелот на светските берзи. Има друг случај каде и покрај зголемената цена на електрична енергија рудникот Саса работи затоа што рудата која пак тие ја произведуваат на светските берзи има зголемена цена и може да им овозможи рентабилно работење. Не е еднострана, повеќедимензионална е кризата и ние на дневно ниво ја следиме со стопанските комори, но и директно со најголемите компании“, рече премиерот Ковачевски во понеделникот.
„Еуроникел индустри“ рудата ја носи од пристаништето во Солун, а со зголемувањето на цената на нафтата и нафтените деривати и транспортните трошоци се неколкукратно зголемени за сите видови на транспорт. Од компанијата велат дека уште од 2021 година, кога почна да расте цената на струјата работат на реализација на планови за енергетска независност за кои повторно е потребна силна и ефикасна институционална поддршка.