(ИНТЕРВЈУ) Игор Лештар: Со стратешки партнер како „Арикома“ го носиме „Сеавус“ на следното ниво на развој

Од:

На почетокот на декември една од најуспешните компании во ИКТ-секторот во нашата земја, „Сеавус“, ја купи нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, Групацијата Арикома, која е дел од Групацијата ККЦГ на Карел Комарек. Приказната за „Сеавус“ личи на онаа како кога се расте дете – го кревате на нозе, го учите на лични вредности, го водите на прав пат, вложувате во него за да може потоа како родител да го пуштите во светот за да биде уште поуспешно. Оттука, и продажбата е сериозна и промислена бизнис-одлука, која се темели на анализи и која отвора нови перспективи за „Сеавус“, вели Игор Лештар, основач на „Сеавус“. Компанијата од почетоците во 1999 година до денес изоде вистински пат на успех – од компанија со само неколку вработени до модерна групација со над 15 претставништва и 800 вработени.

„Сеавус“ е купен од нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, Групацијата Арикома, која е дел од Групацијата ККЦГ на Карел Комарек. Мора да се признае дека ова е голем чекор за кој е потребно вистинско време и сериозен купувач со оглед на тоа што од „Сеавус“ создадовте успешна бизнис-приказна во изминатите дваесет години. Како одлучивте дека сега е вистинското време и кој беше мотивот да продадете компанија што буквално ја создадовте од идеја и ја израснавте во стабилна групација со меѓународно присуство и импресивен број клиенти и вработени?

Морам да истакнам дека одлуката за продажбата на „Сеавус“ не беше едноставна по целиот труд, но и енергија, иновации и успеси, личен влог и посветеност на целиот тим на кој се потпира успехот на „Сеавус“. Гледано од оваа перспектива, приказната за „Сеавус“ личи на онаа како кога се расте дете – го кревате на нозе, го учите на лични вредности, го водите на прав пат, вложувате во него. Кога ќе созрее, проценувате кога е најдобар момент да му го отворите патот и со ваша поддршка да продолжи да се развива. Оттука е и одлуката за продажбата. „Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема интернационална експанзија. За тоа му е потребно окрупнување и му е потребен еден многу посилен финансиски партнер што може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој. Затоа и бевме атрактивна можност за потенцијалните купувачи. Што се однесува до одлуката за продажба, станува збор за бизнис-одлука, која се темели на сериозни анализи. Продажбата отвора нови перспективи за компанијата, за вработените, за новиот сопственик, групата на компании „Арикома“, што за „Сеавус“ ќе значи понатамошен напредок. Длабоко сум убеден дека заедно со силен стратешки партнер како „Арикома“ ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиции. Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти. Уверен сум дека како тим имаме капацитет да му додадеме дополнителна вредност на нашиот стратешки партнер и да придонесеме кон успешната приказна на „Арикома“ и „Сеавус“.

Роден сте во Шведска, а сепак одлучивте својот потенцијал да го вложите во Македонија и да ја основате компанијата овде. По повеќе од две децении работење, кој е денеска „Сеавус“, кои беа најголемите предизвици со кои се соочувавте на патот на успехот?

Роден сум во Шведска, но родителите ми се од Македонија и така се вратив во земјата. На почетокот работев во една семејна компанија во Охрид, а потоа, по неколку години, почнав да развивам веб-страници заедно со „Инфопроект“, но тој пазар сè уште беше во зачеток. „Сеавус“ ја основав во 1999 година, тогаш заедно со уште еден партнер, со идеја да изградиме компанија што ќе успее да се наметне како лидер во ИКТ-индустријата и да ги прошири своите операции на меѓународно ниво. Патот беше долг и тежок, предизвиците огромни, но, лично, никогаш не ме напушти визијата. Напротив, секој предизвик беше мотивација плус да се отиде чекор понатаму. Почнавме речиси со ништо, само со свои лични компјутери. Првиот клиент ни беше од Шведска, кој ни даде ангажман за малиот тим ентузијасти што го имавме. Потоа веќе почнавме да се екипираме во секој поглед и така почна „Сеавус“ да се развива и да се гради во она што е денес. Успехот секако подразбира и многу одрекувања и жртвувања. Сè што заработував вложував во компанијата, ризикував многу, но така учевме, растевме и созревавме. И вредеше. Денеска „Сеавус“ е успешна компанија, која вработува 800 ИТ-специјалисти во светот, со петнаесет оперативни канцеларии лоцирани во неколку земји вклучувајќи ги Шведска, САД, Македонија, Белорусија, Молдавија, Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина. Компанијата нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, а во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 4.000 клиенти, меѓу кои светски телеком-оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство итн.

По 21 година работење, период во кој учев буквално сè сам, без дополнителна финансиска помош од страна, сега со гордост можам да кажам дека сум можеби еден од ретките во Македонија од приватниот сектор кои направиле бизнис што го основале од нула да го развијат до степен на продажба на странска компанија вредна 6 милијарди евра.

Вредноста на „Сеавус“ се луѓето во неа, нивната желба за надградба и амбициозност за успех

Кои аспекти на „Сеавус“ како компанија под Ваше лидерство би ги издвоиле, а кои ги одбележуваат вредноста и карактерот на компанијата на пазарот во изминатите дваесет години?

„Сеавус“ отсекогаш беше и ќе остане многу амбициозна и развојна компанија, препознатлива по тоа што го поставивме скалилото на вредност на ИТ-индустријата на високо ниво. На почетокот можеби и несвесно, но со самиот наш брз раст и развој пораснаа побарувачката и квалитетот на ИТ-кадрите. Но, исто така пораснаа стандардите на квалитет и професионалност кои сакавме првенствено да си ги поставиме пред самите нас. Тоа нè движеше тогаш, тоа нè движи и сега кога компанијата се искачува на едно уште повисоко ниво во својот развој. Затоа велам, нашата одлука за продажба е многу промислена, а моментот е клучен, особено во оваа насока.

Структурираноста, добрата организација, обемните инвестиции во развојот и едукацијата на вработените, грижата за добросостојбата на вработените се вредности по кои „Сеавус“ е препознаен во деловната заедница. „Сеавус“ сега брои 800 вработени, но во компанијата во текот на годините професионално растеле и се развивале голем број ИТ-специјалисти, кои денес успешно чекорат во динамичниот свет на ИТ-индустријата. Верувам дека секој од овие вработени оставил свој печат во компанијата, но и понел незаменливо искуство и знаење со себе. Некои од нив, мотивирани од успехот на компанијата, успеаја да изградат и свои бизниси или со „Сеавус“ како искуство да ги продолжат своите кариери во други домашни и странски компании. Нивниот сегашен успех ме прави исто така горд и затоа верувам дека придонесот на „Сеавус“ во развојот на ИТ-индустријата во Македонија е значаен.

Но, особено се гордеам на сите 800 вработени со кои работам сега, со некои веќе и повеќе од 10 или 15 години. За нив, „Сеавус“ е дом, тие се борат и вложуваат за компанијата и ги носат нејзините вредности. Вработените го живеат успехот на компанијата и се истовремено причина за него.

Особено сум му благодарен на актуелниот менаџерски тим на „Сеавус“, кој ја овозможи реализацијата на една ваква успешна приказна.

Накусо, вредноста на „Сеавус“ се луѓето во неа, нивната желба за надградба и амбициозност за успех, што „Сеавус“ како компанија им ги овозможува за заемна реализација на целите.

Какви промени се очекуваат сега по продажбата на „Сеавус“? Што ќе значи тоа за вработените, за Вас лично, за клиентите?

Продажбата предвидува нови интернационални хоризонти за „Сеавус“, зацврстување на сите постојни операции и деловни единици, како и функционирање како дел од една поголема ИТ-организациска мрежа. Продажбата е извор на нови можности и како резултат на здружени сили и капитал е влез и на уште повисоко финансиско и пазарно ниво. Луѓето секогаш биле и натаму остануваат највредниот ресурс на компанијата и бизнисот. Токму затоа, на постојните 800 вработени планирани се и нови вработувања со тенденција тој број да достигне до 2.500-3.000 луѓе. Како и досега, ќе продолжиме да вложуваме во обуки и професионална надградба на вработените, со цел и натаму да бидеме компанија во која работат вистински експерти од разни области на ИКТ-индустријата. Секогаш верував дека вработените се клучни за успехот, а за тоа е свесен и нашиот партнер, кој токму во вработените ги гледа и вредноста и силата на компанијата. Што се однесува до мене, јас ќе работам заедно со раководството од „Арикома груп“. За клиентите, оваа купопродажба ќе значи проширување на корисничкото портфолио на услуги, доверлив партнер во забрзаниот процес на дигитализација на компаниите, супериорни и доверливи ИТ-решенија за нивните бизниси.

Компаниите во Групацијата Арикома обезбедуваат многу услуги, почнувајќи од дизајнирање ИКТ-архитектура, инфраструктура и cloud-услуги, имплементација на корпоративни апликации, па сè до развој на сопствени сеопфатни софтверски решенија и надворешни извори (ресурси или фактори) во работењето. Веќе изјавивте дека минатата година вкупниот приход на Групацијата надминал 7 милијарди чешки круни. Како оценивте дека токму оваа Групација би бил најсоодветен партнер?

Групацијата Арикома има богато искуство со консолидирање големи компании на ИТ-пазарот во Чешка, имаат големи амбиции, но и можности и капацитет да станат еден од најголемите ИТ-провајдери во Европа за интегрирани услуги за дигитална трансформација. „Сеавус“ совршено се вклопува и ја надополнува таа визија. Групацијата Арикома има 2.800 вработени само во ИТ-сферата. Станува збор за Групација за која, како човек што го познава „Сеавус“ во секоја клетка, оценив дека функционирањето заедно со „Арикома“ може да придонесе многу за компанијата. Тие се докажани претприемачи, кои знаат како се управува со капитал, а потврда за тоа е успешното унапредување на сопствените компании. „Арикома“ е практично инвестициска групација која купува фирми и понатаму ги развива. Но, морам да напоменам дека ние имавме и други потенцијални заинтересирани купувачи, но мене не ми беше важна само финансиската конструкција, туку кој навистина ќе се грижи за компанијата, за визијата, за вработените и за нејзиниот понатамошен развој.

И покрај тоа што имате повеќе бизниси во земјата, во моментот живеете надвор од Македонија. Колку е тешко да раководите со бизниси кога не сте физички присутен во земјата?

Во денешно време на деловни номади , кога сè, а особено сега со пандемијата на Ковид-19, се одвива онлајн, физичката локација е само географска одредница, која не го попречува функционирањето на бизнисот во која било земја, од која било локација во светот. Освен тоа, „Сеавус“ не е само Македонија и природно е да функционирам и од други локации. Со своето животно и професионално искуство мислам дека ни се потребни европските искуства на функционирање на бизнисите. Кај нас евидентен е прогресот на ова поле, но сметам дека сè уште има простор за подобрување. Нашата земја има голем потенцијал за развој и уверен сум дека заложбите на институциите и властите да го забрзаат тој процес ќе вродат со плод. Ние имаме морална обврска искуството што го стекнуваме надвор да го акумулираме, да го пренесеме тука и да ѝ помогнеме на државата да ги достигне европските бизнис-стандарди.

Веќе разработуваме нови иновативни бизнис идеи по моделот на Сеавус кој се покажа многу успешен

Кои се Вашите планови за развој на бизнисот во иднина? Дали можеби планирате нови инвестиции во Македонија?

Освен „Сеавус“, во бизнис-портфолиото во Македонија имам и други компании и бизниси. Имаме и нови идеи, кои планираме да ги реализираме и на кои интензивно работиме. Самата продажба на „Сеавус“ ми овозможува од аспект на капитал, но и време, да се посветам на развој на нови бизнис-идеи. Во последно време исклучително интересна е финтек-индустријата (Financial technology), каде што гледам голем потенцијал. Веќе работиме на нови решенија и бизниси токму за Македонија, но интензивно размислувам и за другите индустрии во кои сакам да вложувам и да придонесам. Моделот по кој го развиваме „Сеавус“ се покажа успешен, па зошто да не го реплицираме кога веќе ги имам енергијата, амбицијата и визијата. Ќе продолжам да инвестирам во мојата држава, бидејќи сакам да напредува и да ја видам економски силна и стабилна.

За крај, Вие сте успешен претприемач. Што би им порачале на младите претприемачи и на луѓето што решиле да отворат свој бизнис?

Способоноста да се преземе ризик, личната одговорност и истрајност се клучни одлики на секој добар претприемач. Во последните години мојата примарна работа е практично развој на нови бизиниси и инвестиција во компании. Постојано се сретнувам со млади претприемачи, кои ми ги презентираат своите бизниси и идеи. Она што го забележувам како тренд кај некои од нив е дека се премногу ориентирани кон обезбедување финансии, односно финансиска стабилност уште во раната фаза од развојот на своите бизнис-идеи. Сметам дека треба да се многу повеќе фокусирани на развој на идејата, планирањето и реализацијата, како и на преземање на ризикот. Како на некој начин да сакаат да направат бизнис без никаков ризик да загубат, а тоа е практично основната вредност и особина на добриот претприемач – да биде подготвен да ризикува, да загуби и да научи од грешките. Финансиската поддршка за секој бизнис е клучна, но таа доаѓа во оној момент откога вие самите сте се вложиле, сте ризикувале, сте паднале неколкупати и сте се исправиле на нозе. Тој процес на падови и исправање на нозе го гради вистинскиот претприемач, тоа е духот на претприемаштвото. Мојата порака кон сите млади е да го изодат тој пат. Да не се трудат да почнат бизнис со нула ризик бидејќи ризикот е тој што те тера да се будиш и си легнуваш со мислата како утре да бидеш подобар, како да го подобриш производот или услугата, како да ја зголемиш продажбата. На тој начин се градат лидери, на тој начин се градат цврсти и сигурни личности, кои знаат точно која е цената на успехот. Вака изградените претприемачи понатаму ќе бидат пример и поттик за своите вработени и самите тие ќе создаваат нови лидери и претприемачи.

Би можело да ве интересира

“Qinshift Academy” со фонд до 50 000 евра за стипендирање на најталентираните студенти

A1on

Сеавус едукативниот и развоен центар се ребрендира во глобална QinshiftAcademy

А1он

Осум стартапи од Сеавус Акцелераторорт успешно ја завршија регионалната Tech Boost програма

Отворен повик за млади креативци до 27 години: Награда за најдобра идеја за Надминување на последиците од ковид пандемијата

Сеавус се проширува на европскиот пазар, ја отвори првата канцеларија во Полска

Официјално почна глобалната програма Accelerate2030 во нашата земја