Македонските потрошувачи се генерално запознаени со органското производство, но се уште не знаат точно како да препознаат дали некој производ е органски или не, во кои региони може да се одгледува органски зеленчук или да се пчелари на органски начин.
Како што вели Горан Ангеловски од Федерацијата на производители на органски производи на Македонија, кај купувачите се уште има недоумици, вид вакуум во знаењето околу проблематиката, правилата на органското земјоделство.
Една од клучните бариери, пак, со кои секторот се соочува во моментов, е неусогласеноста на националната со европската легислатива.
– Постојат три причини зашто најголемиот дел од потрошувачите се одлучуват да консумираат органски производи. Тие три причини се поврзани со нивото на едукација, односно свеста на потрошувачите. За жал, ние во Македонија одиме во нагорна линија, но се уште сме на првото ниво на свесност. Потрошувачите се заинтересирани да консумираат органски производи, но пред се, заради личното здравје и здравјето на свотие најблиски додека во западните земји, „на сила“ е второто ниво. Практично, свеста за животната средина и за социјалните придобивки од органското производство се изедначуваат со првата причина, дека треба да бидеме здрави, истакнува Ангеловски.
Во западните земји, додава, потрошувачите не прават голема разлика меѓу сопственото здравје и здравјето на амбиентот. – Сфаќаат дека и тоа е многу важно, не можеш да имаш здрав живот, додека се околу тебе е загадено, потенцира Ангеловски.
Сепак, како што оценува, постои тренд на зголемување на свеста и информираноста. Органоското производство е присутно најмалку 20 години во светот, кај нас е на почеток, но, како и да е, претставува една од ретките гаранции дека е произведен според одредени критериуми.
– Кој производител и да прашате, ќе рече дека тој го произведува најдобриот производ, но кои се гаранциите, кои се критериумите за да одредиме кој производ е добар, квалитетен. Во органското производство постојат точно дефинирани правила според кои производителите треба да се придржуваат, а потрошувачите треба да ги знаат тие правила, дециден е Ангеловски.
Според него, за жал, во Македонија се уште има потрошувачи кои не го разбираат докрај органското производството и очекуваат невозможни работи од него.
– Затоа, мојата препорака е да се запознаат со правилата подетално. Тогаш ќе биде полесно за сите, и за потрошувачите и за производителите. ќе знаеме што сакаме да направиме, што се стремиме да постигнеме со тоа производство, посочува Ангеловски.
радува фактот што се отвораат и опстојуваат продавниците за органска храна во македонија.
– Во Москва има само една таква продавница, а во Македонија знам најмалку пет. Тоа покажува дека има расположение кај потрошувачите, тие ги сакаат органските производи, но треба да се работи и на другите канали на продажба како интернет, купување директно на фарма,… Така купувачите ќе имаат свој, матичен производител, за јајца, зеленчук… Недостига таа интеракција, потрошувачите да не се замараат со тоа каде ќе најдат органско, а од друга страна и заработувачката ќе остане кај производителите, односно тоа ќе значи поддршка за нив, подвлекува Ангеловски.
Федерацијата работи на поврзување на потрошувачите и производителите, но и на знаењето преку креирање регионална интернет платформа.
– Едниот дел е бизнис регистар каде се евидентирани не само фирмите или производителите кои продаваат, туку и другите учесници, невладини организации, агенции, проекти, секој што влијае на органското производство ќе може да се регистрира и да биде најден. Дел од платформата акцент ќе стави и на услугите, маркетинг, лабораториски,… Ќе има и т.н. органска библиотека – сите што се активни и развиваат едукативни материјали, лични знаења и искуства ќе може да ги постават и да ги направат достапни за сите, објаснува Ангеловски.
Тој смета дека предизвици во делот на органското производство има многу, почнувајќи од легислативата. Посебно се евидентни нивоата на усогласеност со ЕУ регулативата.
– Една од главните трговски бариери во моментов е токму неусогласеноста на националната со европската легислатива. Македонија и Србија, како соседни земји, не знаат колку секоја од нив ја има усогласено својата национална регулатива со европската и не можат да тргуваат меѓу себе. Едноставно, не си ги препознаваат националните сертификати што е голем хендикеп зашто производителите од регионот не се подготвени ниту логистички, ниту со количина да настапат на организираните европски пазари, посочува Ангеловски.
Решението го гледа во потпишување меморандум за препознавање. – На тој начин трговијата ќе може да тече слободно. Тука го лоцирам главниот проблем, зошто производителите се соочуваат со овие предизвици, вели Ангеловски и додава дека и недостигот на европски сертификат, претставува пречка. За повеќето производители чини многу, се уште е неисплатлив, а е услов за тргување.
Органското производство е приоритетна тема, заклучува, на која сите засегнати страни треба да посветат големо внимание.
Во насока на што поголемо информирање и подигање на свеста за органсото производство, Федерацијата на производители изминатите два месеца организираше неколку помали едукативни настани, наместо досегашниот, традиционален Ден на органско производство. Целта беше потрошувачите да го тестираат своето знаење, да научат нешто повеќе за органското производство, да имаат интеракција со производителите, да научат како да ги препознаат органските производи, да знаат кои се нивните предности, да се запознаат со местата каде што можат да ги купат.