Корпорацијата Интел го објави годишниот приход кој изнесува 53,3 милијарди долари, оперативна добивка од 14,6 милијарди, нето добивка од 11 милијарди долари и заработувачка по акција од 2,13 долари.
Компанијата, чија примарна дејност е производство на компјутерски чипови, објави дека заработила околу 18,9 милијарди долари готовина од работењето, платени дивиденди од 4,4 милијарди долари и искористила 4,8 милијарди повторно да откупи 191 милиони акции.
За четвртиот квартал, Интел има приход од 13,5 милијарди долари, оперативна добивка од 3,2 милијарди долари и заработувачка по акција од 48 центи. Компанијата заработила околу 6 милијарди долари готовина, платила дивиденди од 1,1 милијарда и искористила една милијарда повторно да откупи 47 милиони акции на берзата.
„Четвртиот квартал се одвиваше како што очекувавме и продолживме успешно да работиме во средина исполнета со предизвици,“ изјави Пол Отелини, претседател и главен извршен директор на Интел.
„Постигнавме неверојатен успех во работата во 2012 година со тоа што навлеговме на пазарот за смарт телефони и таблети, соработувавме со нашите партнери за повторно да го создадеме компјутерот и ја продолживме иновацијата и развојот на центрите за податоци. Започнуваме со 2013 година, имаме цврста линија производи кои ќе ги донесат иновациите на Интел низ целиот спектар на програмирање,“ истакна Отелини.