На 23.05.2024 година, во периодот од 10:00 до 13:00 часот, во просториите на Регулаторната комисија за енергетика одржавме работен состанок со членовите на Комисијата. Состанокот имаше за цел разгледување на информациите добиени од ЕВН Дистрибуција, во однос на барањето на претседателот на РКЕ за доставување на податоци за потребниот број на отчитувачи потребни за да се овозможи читање на 95% од броилата еднаш месечно, потребната опрема, годишните трошоци и трошокот за прилагодување на билинг-системот согласно предложените измени во Правилата за снабдување.
Иако рокот за доставување на информациите беше 10 дена, истиот е пречекорен за околу триесет дена.
Од доставените информации се констатира дека вкупните трошоци (инвестиции, капитални и оперативни трошоци) за имплементација на систем за месечно отчитување на броилата изнесуваат 10 милиони евра за 2025 година, а по 7 милиони евра за секоја од следните години, до 2029 година.
Претставниците на ЕВН во известувањето го предложија следново: „имајќи ги предвид значителните трошоци што ќе паднат на товар на корисниците, како и претстојната дигитализација со воведување на паметни мерни уреди, предлагаме наместо реализација на такви активности, средствата да се искористат за набавка и вградување на паметни мерни уреди (според нашите проценки околу 100.000 уреди годишно). На тој начин би се имплементирало одржливо решение кое ќе овозможи месечно отчитување и ќе го олесни преминот кон паметно мерење.“
Ценејќи ја новонастанатата ситуација со донесувањето на новиот Закон за енергетика и врз основа на презентираните информации, ги истакнавме нашите размислувања и предлози:
Со оглед на тоа што рокот за доставување на бараните информациите од РКЕ е пречекорен за еден месец, јасно е дека ЕВН не ја почитува оваа институција и нема капацитет навремено и квалитетно да одговори на барањата на потрошувачите.
2. Од предложеното во нивното известување видливо е дека вкупните трошоци за овозможување на читање на сите броила еднаш месечно, како и трошоците за набавка и поставување на паметни броила секако ќе бидат на товар на потрошувачите, што е дијаметрално различно од досегашните изјави на сите претставници на власта при објаснувањето на начинот на имплементацијата на одредбите од новиот закон за енергетика;
3. Побаравме при донесувањето на подзаконските акти согласно новиот Закон за енергетика, доследно да се почитуваат неговите одредбите како и одредбите од Законот за заштита на потрошувачите и Законот за облигационите односи.
Новиот закон за енергетика во одредбата од членот 185 став (2) предвидува изготвување на фактура врз основа на претпоставена потрошувачка само во случај кога не е извршено мерењето. Со оглед дека во државата секое домаќинство има мерен уред кој врши мерење, ваква ситуација е возможна само ако мерниот уред е оштетен или од било која друга причина не функционира па мерењето не се врши. Во сите други случаи законот предвидува изготвување на фактура врз основа на мерењата за потрошената електрична енергија. „Отчитување“ има сосема друго значење од „мерење“ и поради тоа не може да се дозволи било каква импровизација на оваа одредба од законот, која патем со амандман кој не беше прифатен баравме да се укине, за да се остави регулирањето на оваа материја да биде во подзаконски акт:
Законот за заштита на потрошувачите во членот 32 од трговецот (ЕВН дистрибуција), бара на потрошувачот да му се издава фактура за продадениот производ (електричната енергија) или извршената услуга (пренос и дистрибуција на електричната енергија), која ќе се карактеризира со прецизна и проверлива точност на пресметаниот износ на купената електрична енергија, односно услугата пренос и дистрибуција.
И законот за облигациони односи во членот 12 исто така ги потврдува претходно наведените констатации.
4. Ценејќи го дадениот рок од 9 месеци во кој можат да важат постоечките подзаконски акти, а со цел надминување на евидентната неспособност на ЕВН да излезе во пресрет на почитувањето на законите и правата на потрошувачите за фер и квалитетна услуга, предложивме низа на мерки со кои може делумно да се надмине состојбата со неквалитетната услуга на ЕВН дистрибуција околу отчитувањето на мерните уреди:
Овозможување на двојна идентификација за разликување на паушално изготвена и фактура изготвена врз основа на отчитани вредности за потрошена електрична енергија. Кај фактурите изготвени со отчитани вредности покрај датумите кога се отчитани вредностите да стои и податок за времето на отчитување: час и минути. Кај паушално изготвените фактури податокот за време на отчитување нема да го има, а дополнително ќе има експлицитно назначување на самата фактура дека истата е изготвена врз основа на претпоставени вредности. Добивањето на фактура без истакнато бреме на отчитување, ќе претставува директен сигнал за потрошувачите дека во период од три месеци ќе добијат фактура која ќе биде коригирана.
Корективната фактура во случај на добивање на паушална фактура ќе се однесува за три месеци со назначување на датумот и времето на претходното и последното отчитување и апроксимативно развлекување на блоковите на високата тарифа до максимум 90 дена. Со ваквата коригирана тримесечна фактура ќе се поништат двете претходни паушални фактури и ќе се додадат двата константни износи за јавно осветлување и пристап до мрежа со вклучен ДДВ (420 + 420 = 840 денари). Во контекст на сегашните корекции, а врз основа на увид во начинот како истите се коригираат, констатиравме дека, корекциите кои се прават по основ на приговорите при паушално изготвените фактури не се доволно прецизни.
Со посебен договор помеѓу потрошувачот и дистрибутерот да се овозможи аконтативно месечно плаќање на фактури со константен износ и нивно порамнување еднаш во текот на годината. (ова е една од мерките која би била погодна за лицата кои подолг период престојуваат во странство)
Со согласност на потрошувачот да се овозможи доставување на информација за изготвена фактура по пат на СМС порака. (и оваа мерка е погодна за лица кои не престојуваат подолг период во државата)
И последната мерка која значително треба да наиде на взаемно задоволство на и потрошувачите и на дистрибутерот е мерката за стимулација на потрошувачите да вршат самоотчитување на мерните уреди и пријавување на состојбата, а за возврат би добиле компензација на таквата активност со процентуално намалување на износот на фактурата. Оваа мерка треба да се воведе со осовременување и поедноставување на веб платформата за пријавување на состојбата. Со ваква мерка би се стимулирале само потрошувачите кои имаат месечен трошок на електрична енергија во висока тарифа до крајните вредности на вториот блок. Па наместо непотребни телевизиски кампањи на ЕВН дистрибуција, која и онака нема конкуренција бидејќи е природен монопол, предлагаме да се водат медиумски и други кампањи за поттикнување и обука за самоотчитување на потрошувачката на електрична енергија кај мерните уреди.
5. Побаравме Регулаторната комисија да ја спроведува обврската која произлегува од членот 12 став (4) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија и еднаш годишно со одлука да ги определува бројот на блокови за домаќинствата во висока тарифа и граничните вредности на блоковите. При тоа дискутиравме да се разгледа можноста првиот блок од 210 kWh да се прошири на 270 kWh, како еден вид мерка за социјална заштеда на семејниот буџет на голем број домаќинства.
6. Побаравме да се отвори широка јавна дебата за промена на термините на „евтина струја“ поради притисокот создаден од напливот на електрична енергија произведена од фотонапонските централи.
7. Побаравме да се врати изготвувањето на одлуката за формирањето на цената на електричната енергија кај домаќинствата повторно кај Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи таа улога од јули 2022 година му е доделена на унверзалниот снабдувач (ЕВН Хоме)
8. Наша сериозна заложба која ја истакнавме беше јавните институции да се снабдуваат со електрична енергија преку ЕСМ продажба со цена која ќе овозможи нивно финансиско одржливо функционирање. Јавните институции не можат да го издржат финансискиот товар при снабдувањето со електрична енергија на слободен пазар со маржи поголеми од 15.5% .
9. Со оглед дека добивме неофицијална информација дека нема да има поскапување на електричната енергија, проблемот околу формулите и начинот на пресметка на цената на електричната енергија, го пролонгиравме за ноември кога ќе се расправа за цената на електричната енергија за 2026 година.
Иако во голема мерка се согласивме дека овие предлози, размислувања и сугестии се во интерес на граѓаните, свесни сме дека ЕВН нема капацитет и флексибилност да испорача соодветен квалитет на услуги кон граѓаните.