Иновациите и претприемништвото се иднината во економијата

Од:

Подобрување на истражувачките можности во Република Македонија преку зголемен развој на меѓусекторската соработка, развивање вештини за планирање на истражувачките кариери, воспоставување мрежа за собирање и пренесување на истражувачки искуства и подобрување на мобилноста на истражувачите е целта на дводневниот настан што денеска почна во Македонската академија на науките и уметностите.

Др. Герт Гури од Универзитетот во Тренто, Италија, кој работи на имплементација на едукативни програми, кои се интегрирани во Европскиот институт за технологии (EIT Digital), истакнува дека иновациите и претприемништвото се иднината во економијата, а студиските и докторските програми мора да бидат ориентирани кон решавање на конкретните предизвици на компаниите или барем на оние со кои ќе се соочат за 10-15 години.

Според него, во моментов во Европа постојат половина милион слободни работни места во ИКТ-секторите, а до 2020 година нивната бројка ќе изнесува 1,3 милиони и додава дека веќе не се потребни ИКТ-инженери, туку ИКТ- инженери со вештини на претприемач.

– Идејата е да се поврзат високобразованите институции, истражувачките центри и компаниите, или она што го нарекуваме триаголник. Ако не постои оваа поврзаност нема можност за напредок…Не можеме повеќе да произведуваме академски образовани граѓани, туку профили кои располагаат со разни вештини со кои можат лесно да се вработат и да станат раководители на водечки истражувачки единици во компаниите, вели Гури.

Шон Ардиз од Виена, Австрија, кој има работено во Силиконската долина со компании како Циско Системи и спроведувал стратегии и култура на иновации за компании како Интел, посочува дека брзиот чекор на технолошките промени заедно со масовната примена на интернетот создаваат одлични можности за организациите. Сепак, нагласува, овие можности ќе им бидат достапни само на оние кои ќе го променат начинот на размислување и ќе ги применат новите технологии.

– Гледаме промени во економијaта, кои се забрзуваат и се претвораат во промена во свеста на луѓето, кои почнуваат да се прашуваат за што ги користиме новите технологии, какви цели сакаме тие да предизвикаат за општеството. Ние сме многу добри за создавање на нови технологии, за создавање нови решенија, но прашањето е кои се проблемите кои ги решаваме и зошто ги решаваме? Јас сакам да помогнам луѓето да станат порефлексивни и да разберат дека можат да имаат огромен ефект, ако само решат секојдневно да ги применат своите таленти на начин кој ја кумулира нивната колективна енергија, вели Ардиз.

Во однос на компаниите, нагласува, најважното е како да го регрутираат потребниот талент, како да ги задржат талентираните работници.

– Работиме економија заснована на знаење и многу е важно да успеете да ги привлечете најталентираните во вашиот тим и да направите тие да работат најдобро што можат. А луѓето сега бараат различни работи. Талентот одбива да работи на одредени проекти, одбива да работи на решавање на одредени прашања, бара компаниите да дојдат со подобри причини зошто талентираните луѓе би требало да работат за нив. Директорите на овие компании мора да го разберат фактот дека ако не успеат да привлечат талент, тогаш ќе имаат проблеми со иновациите, истакнува Ардиз.

Настанот е во организација на МАНУ и Центарот за комјутерски науки и информатичка технологија при МАНУ, а се одржува во рамките на проектот Euraxess Encircle, кој е финансиски поддржан од Европската комисија.

Дебатата на темите предвидени со програмата продолжува утре на Факултетот за компјутерски науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов