Инфлацијата во Турција достигна речиси 80 отсто поради наглиот пад на лирата

Од:

Инфлацијата во Турција во јули достигна годишна стапка од 79,6 отсто, што е нејзино највисоко ниво во изминатите 24 години, покажаа денешните податоци на турскиот Завод за статистика. Се работи за последица на континуираната слабост на лирата и високите глобални трошоци за енергија и суровини.

Растот на инфлацијата во земјата започна минатата есен, кога лирата нагло падна, откако централната банка постепено ја намали клучната каматна стапка за 500 базични поени, на 14 отсто во циклус на монетарно ублажување што го бараше претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

На месечно ниво, потрошувачките цени во јули пораснаа за 2,37 отсто, објави турскиот Завод за статистика. Се предвидуваше дека на годишно ниво, инфлацијата на потрошувачките цени во јули ќе изнесува 80,5 отсто.

Џејсон Тувеј, виш економист за пазари во развој во Капитал Економикс, изјави дека годишната инфлација можеби се приближува до својот врв, со оглед на остриот пад на инфлацијата кај енергентите. Инфлацијата на цените на храната се чини близу до врвот.

– Дури и доколку инфлацијата биде близу врвот, ќе остане блиску до сегашните многу високи стапки уште неколку месеци. Острите и неуредни падови на лирата остануваат клучен ризик, истакна Тувеј.

Најголем годишен раст на потрошувачките цени е забележан во транспортниот сектор, за дури 119,11 отсто, додека цените на храната и безалкохолните пијалаци пораснаа за 94,65 проценти.

Годинава, инфлацијата дополнително беше поттикната од економското влијание на руската инвазија врз Украина, како и од континуираниот пад на лирата, која лани ослабе 44 отсто во однос на доларот, а оваа година падна за уште 27 проценти.

По објавувањето на најновите податоци, лирата се тргуваше по главно непроменет курс од 17,956 лири за долар. Во декември цената накратко ѝ падна на рекордно ниско ниво, па за долар требаше да се издвојат 18,4 лири.

Годишната инфлација сега е на највисоко ниво од септември 1998 година, кога достигна 80,4 отсто, а Турција се бореше да стави крај на една деценија хронично висока инфлација.

Турската Влада објави дека инфлацијата ќе ослабне благодарение на нејзината економска програма, што дава предност на ниски каматни стапки поради поттикнување на производството и извозот, а има за цел да се оствари суфицит на тековната сметка.

Ердоган изјави дека очекува инфлацијата да се спушти на „соодветно“ ниво до февруари и март наредната година, а централната банка минатиот четврток ја зголеми проценката за инфлацијата за крајот на 2022 година на 60,4 отсто, од претходно проектираните 42,8 проценти.

Опозициски претставници и економисти ја доведоа во прашање веродостојноста на податоците од турскиот статистички институт (ТУИК), нешто што оттаму го отфрлија. Според анкети, Турците веруваат оти инфлацијата е далеку поголема, отколку што покажуваат официјални податоци.

Извор МИА

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Турција уапси 234 лица во рамките на меѓународната операција против нарко-мафијата

Европол: Откриени четири главни мрежи за шверц на дрога во ЕУ и Турција

Турција започнува реставрација на куполата на Аја Софија

А1он

Разрешениот градоначалник на Истанбул: На суд сум затоа што победив на изборите

(ВИДЕО) Снежно невреме во Анкара

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Маск објави видео: „Русија и САД се поблиску отколку што многумина мислат“