Инфлацијата е најголемиот внатрешен проблем во САД, според претседателот Бајден, но и проценките на 70 отсто од анкетираните Американци, пренесуваат американските медиуми.
Додека на Волстрит постои страв од рецесија, обичните граѓани се плашат да одат во супермаркет или на бензинска пумпа.
Стравот од рецесија се зголеми бидејќи Федералните резерви на САД ја зголемија основната каматна стапка за 0,75 отсто – најголем пораст во речиси три децении, јавува Гласот на Америка.
„Високата инфлација носи значителни тешкотии, особено за оние на кои им е најтешко да ги платат високите трошоци за основни работи како храна, сместување и превоз“, рече претседателот на Федералните резерви Џером Пауел.
Прехранбените производи поскапеа за речиси 12 отсто, бензините речиси двојно поскапеа, а цените на авионските билети поскапеа за речиси 40 отсто во однос на истиот период лани.
„Веројатно плаќам добри од 50 до 75 долари неделно повеќе за основните намирници“, велат некои потрошувачи.
Со оглед на тоа што голем дел од буџетот на домаќинствата сега оди на неопходните артикли како што е бензинот, Американците штедат и на други работи, па продажбата на мало во мај падна за 0,3 отсто.
„Има голема економска несигурност. Мислам дека би било паметно да погледнете колку пари внесувате во куќата, колку се вашите заштеди и дали имате посебна сума за дождливите денови“, препорача економистот Ели Волф.
Со агресивно зголемување на каматната стапка, Централната банка сака да помогне во стабилизирање на цените, но тоа значи дека се ќе поскапи
– од кредити за нови автомобили, до кредити за куќи, каде каматната стапка веќе порасна од три проценти во јануари до шест проценти.на каматата на кредитните картички.
Претседателот Бајден испрати писмо до директорите на големите нафтени компании и ја обвини алчноста на корпорациите, заедно со војната во Украина, за рекордно високите цени на бензинот.
Тој предупреди дека може да ги искористи своите извршни овластувања за да го зголеми производството во рафинериите, нагласувајќи дека е неприфатливо американските семејства директно да го финансираат профитот на нафтените компании, кој е значително поголем од вообичаеното. Сепак, рафинериите веќе работат со речиси полн капацитет, а Белата куќа не соопшти многу детали за планот на Бајден, пренесува Гласот на Америка.
„Ги повикуваме да ја направат вистинската работа, да бидат патриоти и да не ја користат војната како изговор“, изјави портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер.
Сепак, Американскиот институт за нафта ја обвини политиката на Бајден да се залага за „зелена енергија“, тврдејќи дека за инфлацијата придонесе погрешната агенда на претседателот да се оддалечи од домашната нафта и природниот гас.
Што се однесува до рекордниот профит, компаниите одговорија дека сега ги компензираат големите загуби што ги претрпеа за време на пандемијата, како што е загубата од 22 милијарди долари што ја пријави „Ексон Мобил“ во 2020 година.