Индустриското производство во периодот јануари – јуни 2017 година, во однос на истиот периодот лани, бележи раст од 1,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци индустриското производство во јуни годинава во однос на јуни лани бележи раст од 4,0 проценти.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јуни 2017 година, во однос на јуни 2016 година, бележи пораст од 7,5 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 2,4 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст од 18,7 отсто.
Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на пијалаци, Производство на тутунски производи, Производство на текстил, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати , Производство на производи од
гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на електрична опрема, Производство на машини и уреди, неспомнати на друго место и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Според главните индустриски групи, производството во јуни 2017 година, во однос на јуни 2016 година, бележи пораст кај Енергија за 27 проценти, Капитални производи за 20,7 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,9 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 3,2 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 26,5 отсто.