„И здравје и работа“: Да градиме рударство што создава работа, развој и сигурна иднина

Од:

По повод Денот на рударите, иницијативата „И здравје и работа“ им го честита празникот на сите рудари, геолози, инженери, техничари и на сите вработени кои со својот труд придонесуваат за развојот на рударскиот сектор во Македонија.

Рударството не е само индустрија. Тоа е професија која бара знаење, искуство, дисциплина и голема одговорност. Зад секој тон руда стои трудот на луѓе кои секојдневно работат во сложени и одговорни услови, а нивната безбедност и здравје мора да бидат највисок приоритет.

Денес, кога светот се соочува со растечка потреба од критични минерали, бакар и други суровини неопходни за енергетската транзиција, електрификацијата и современата индустрија, прашањето не е дали рударството има иднина. Прашањето е какво рударство сакаме да развиваме.

Нашиот став е јасен: современото рударство мора да се темели на науката, современата технологија, високи стандарди за безбедност и заштита на животната средина и силна институционална контрола.

Не треба да постои лажна дилема „или екологија или работа“. Европското искуство покажува дека е можно и екологија и рударство, и инвестиции и високи стандарди, и економски развој и заштита на локалните заедници.

Секој проект мора да биде оценуван врз основа на факти, стручни анализи, техничка документација и законски процедури. Прашањата за водата, воздухот, почвата, управувањето со отпадот и безбедноста се легитимни и неопходни. Но, одговорите на овие прашања треба да ги даваат науката и институциите, а не стравот, политичките поделби или непроверените тврдења.

Во исто време, не смееме да ја занемариме економската страна на рударството. Секторот обезбедува работни места, придонесува кон индустриското производство, извозот и јавните приходи и создава економска активност и за голем број други компании и професии. На одбележувањето на Денот на рударите годинава беше посочено дека рударството учествува со 10,9% во индустриското производство и 2,8% во вкупниот извоз, додека приходите од концесиски надоместоци достигнале историски највисоко ниво од над 1,22 милијарди денари.

Затоа, на овој ден сакаме да испратиме порака која е поголема од која било поединечна инвестиција: Македонија треба да има рударство кое создава работа, но и ја штити природата. Рударство кое носи инвестиции, но и придобивки за локалните заедници. Рударство кое користи современа технологија, но пред сè го почитува човекот.

На сите рудари им посакуваме среќен Ден на рударите, безбедна работа, добро здравје и заслужено признание за нивниот труд.

И здравје. И работа. И одговорност кон иднината.

 

Би можело да ве интересира

Критичните минерали отвораат нови можности за Македонија, но рударството се соочува со пад на производството и вработеноста

„И Здравје и Работа“: Стратешките одлуки не смеат да се носат под притисок на закани и политички игри

Активисти бараат Иловица да се избрише од Просторниот план, експертите со појаснување дека планот не значи отворање рудник

Европа бара поголема независност во снабдувањето со бакар, „Иловица–Штука“ како развоен потенцијал

И Здравје и Работа: Минералните суровини треба да се стават во функција на подобар животен стандард и спречување на „белата чума“

Критичните минерали стануваат стратешки приоритет, Македонија истражува антимон и планира развој на бакарот