Архитектонскиот симбол на Скопје, Градски трговски центар (ГТЦ) генерирал загуба од 645.000 евра за 2022 година, а истата треба да биде потврдена и усвоена на акционерското Собрание закажано за 30 август.
Билансот на успех покажува дека ГТЦ и лани работел со загуба и тоа за 11 проценти во однос на претходната 2021.Градскиот трговски центар успеал да оствари оперативни приходи од 3,9 милиони евра, воглавно преку продажба на закупнините од деловни објекти што ги издава. Останатите приходи се тековни услуги, приходи од куглана, наплатени штети и отпишани побарувања.
ГТЦ имал далеку поголеми расходи, нешто над 4,5 милиони евра. Најмногу од средствата биле потрошени за плати на вработените, еден милион и 60.000 евра за нето плати, односно 1,6 милиони евра бруто. Расходот за вкупно потрошена електрична енергија е 1,3 милиони евра.
Во предлог-одлуката за покривање на загубите на ГТЦ АД Скопје стои дека делумно може да се покрие од статутарни резерви во износ од 600.000 евра, а за остатокот од 45.000 евра не познато како ќе се покријат.
ГТЦ од синоним за урбан простор се претвори во друштво за партиски поткусурувања и за скандали. Последниот скандал беше поврзан со „копањето“ криптовалути во подрумот на ГТЦ. Директорот Ѓоко Трајчевски ги отфрли сите обвинувања дека некој копал криптовалути и биткоини.