Република Македонија има одлична соработка со Европската банка за обнова и развој, која планира повеќе средства и можности за поволно кредитирање во државата, истакна премиерот Никола Груевски по синоќешната средба со регионалниот директор на Европската банка за обнова и развој, Муант Холгер, а во рамките на неговата економска посета на Лондон, Велика Британија.
Како што соопшти владината прес-служба, соговорниците на средбата се осврнаа на развојот на односите со ЕБОР, како и соработката која се одвива за реализација на проекти од сферата на енергетиката, инфраструктурата во делот на изградба на патишта и железничкото поврзување, а кои се во функција на напредокот на економијата и економските односи.
– Имаме повеќе заеднички проекти и во јавниот сектор, но тие се присутни и во приватниот сектор, и имаат намера да го засилат своето учество со повеќе средства и поволни можности за кредитирање. Јас ги охрабрувам ваквите нивни чекори и намери на поддршка на приватниот сектор. Во однос на јавниот сектор веќе се во тек неколку значајни проекти и разговаравме за повеќе нови проекти. Некои поминаа на Бордот на директори или треба да се усвојат, а некои се уште се во фаза на договарање. Ние ќе продолжиме со разговорите со цел исполнување на плановите, изјави премиерот Груевски.
Регионалниот директор на ЕБОР, Муант Холгер, како што се наведува, изрази задоволство од досегашниот развој на односите и соработката со Република Македонија.
– Имавме многу продуктивен состанок со премиерот и претставниците на Владата, разговаравме за повеќе проекти кои се од заедничко значење. Главниот фокус беше поддршка на приватниот сектор и компаниите, разменувајќи идеи и информации за тоа како може дополнително да го засилиме. Во наредните неколку недели ќе ја посетам државата со цел да ги продолжиме разговорите со владините претставници за реализацијата на повеќе значајни проекти, посочи Холгер.
Премиерот Груевски во Лондон е придружуван од потпретседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо. Груевски ќе се обрати на бизнис форум во Лондон каде ќе ги престави инвестициските можности на Република Македонија пред повеќе потенцијални инвеститори.
Лондон преставува значаен трговски и економски центар каде се присутни повеќе глобални корпорации и бизнис компании.