Со широко мнозинство и поддршка од владејачката Нова демократија и опозициските партии СИРИЗА и Движење на промена, грчкиот Парламент синоќа го изгласа договорот на Грција со Италија за одредување на Ексклузивната економска зона, јави дописничката на МИА од Атина.
Ратификацијата на договорот со Египет е закажана за денеска.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис говорејќи на расправата рече дека двата договори имаат „голема историска и политичка тежина“.
– Двата договори беа потпишани со разлика од само неколку седмици, решавајќи децениски нерешени прашања со соседните држави. Се засноваат на меѓународно право, а во исто време, признаваат национална Ексклузивна економска зона и континентален гребен со суверени права во морето на сите наши острови. И на крај, влијае врз нелегалните активности во регионот, поставувајќи во нашите мориња нова реалност на мир и безбедност, рече Мицотакис.
Договорот со Италија го поддржа и опозициската СИРИЗА, додека, пак, според најавите, на денешното гласање за ратификација на договорот со Египет, ќе биде воздржана.