Поповолна оценка за економската состојба во градежништвото во првиот квартал од годинава имаат раководителите на деловите субјекти во овој сектор, објавува Државниот завод за статистика.
Според оценката на раководителите на деловните субјекти од областа на градежништвото, индикаторот на доверба во првото тримесечје од 2019 година е повисок за 0,5 процентни поени во однос на четвртото тримесечје од 2018 година, а e повисок за 0,7 процентни поени во однос на првото тримесечје од 2018 година.
Очекувањата за вкупните порачки, односно договори за градежни работи се поповолни во однос на претходното тримесечје. Очекувањата за бројот на вработени се дека тој незначително ќе се зголеми.
Оценката за економската состојба во првото тримесечје од 2019 година е поповолна во однос на претходното тримесечје, а е поповолна и во однос на првото тримесечје од 2018 година.
Сегашната состојба со порачки или договори на нивните деловни субјекти, како и оценката за финансиската состојба се поповолни во однос на претходното тримесечје.
Во наредниот период се очекува продажните цени да се зголемат, a бројната состојба и квалитетот на механизацијата и опремата се над нормалата.
Најголемо влијание врз ограничувањето за подобрување на тековната градежна активност имаат следните фактори: немање побарувачка со 19,9 отсто, конкуренција во сопствениот сектор со 13,8 отсто, зголемени трошоци за материјали со 13,2 отсто и недостиг на обучен кадар со 13,1 отсто.