Германија се наоѓа под закана од казна од Европската комисија за прекршување на правилата за конкурентност заради својата политика за развој на обновливите енергетски извори, пишува денеска списанието „Шпигел“.
Според германскиот неделник, што не ги посочува своите извори, еврокомесарот за конкурентност Хоакин Алмуња најмногу го има предвид фактот дека германските потрошувачи плаќаат, преку таксите, за развојот на овие обновливи енергии.
Во среда Европската комисија сака да отвори казнена процедура против Германија заради оваа помош, пишува неделникот, според кој Брисел планира и да побара враќање на доделената помош вредна милиони евра.
Списанието соопштува дека еврокомесарот за енергетика, Германецот Гинтер Јотингер, се посомневал дали германската политика за развој на обновливите енергетски извори одговара на правилата на конкурентност. Тоа се случило минатата недела на на настан, организиран во белгиската престолнина од германската енергетска група ЕОН.
Во интервју, што денеска го даде за германската телевизија АРД, канцеларот Ангела Меркел потврди дека, доколку биде реизбрана на парламентарните избори во септември, таа ќе го промени законот за обновливите извори на енергија, пренесоа британските медиуми.
Нормативниот акт е во сила повеќе од една деценија пред доаѓањето на Меркел на власт. Тој беше донесен во времето на нејзиниот претходник, социјалдемократот Герхард Шредер.
Во интервјуто Меркел се заложи за итни измени во законот. Таа тоа го образложи не само со критиките од Брисел, туку и со зголемувањето на цената на електричната енергија.
Дебатата за енергетиката може да се претвори во едно од главните прашања во предизборната кампања во Германија, забележаа британските медиуми.