Во мексиканското место Лос Кабос, каде се одржува самитот на најразвиените земји и држави со забрзан развој, кои претставуваат 85 проценти од глобалната економија и каде се дискутира за зголемување на економскиот раст, инвестициите и спас на еврото, моментално односот на силите е 19 спрема 1, оценуваат германските аналитичари.
„Сите против една и една против сите“, е слоган што најдобро ја објаснува позицијата на германската канцеларка Ангела Меркел, која и понатаму покажува железна одлучност кога станува збор за мерките за штедење, а според медиумите се наоѓа под најголем притисок досега.
САД и Франција сакаат да ја „омекнат“, но таа, најверојатно нема намера да попушти, коментираат набљудувачите на самитот.
Меркел нема лесна задача, што не е никаво чудо, бидејќи во Лос Кабос таа нема да се сретне, како во Брисел со „сиромашните европски роднини“, туку со најважните светски лидери.