Британската фунта достигна најниска вредност спрема еврото од 2009 година, откако единствената европска валута , беше значително засилена со добрите економски податоци во ЕУ, за разлика од економијата на Британија која се уште страда од неизвесноста за тоа што ќе донесе Брегзит.
На пазарот на девизи во Лондон, фунтата денеска се разменуваше за 1,08 евра, што е еднакво на нивото што беше регистрирано уште пред осум години, во октомври 2009 година, кога британската и европската валута, речиси, се изедначија.
Слабата фунта ги зголемува трошоците на британските туристи кои масовно се на летување во земјите од еврозоната, затоа што за разлика од порано, сега им се поскапи хотелските сметки, храната и патарината.
Евтината британска валута е добра само за британскиот странски туризам затоа што ја прави земјата поатрактивна и поевтина за Европејците, доколку плаќаат во евра, па овозможува поголем прилив на гости и шопинг туристи.
Финансиски експерти проценуваат дека ваквата ситуација со фунтата , што започна уште набргу по ланскиот референдум за ЕУ, ќе продолжи и понатаму и како сега стојат работите, многу е веројатно дека британската валута и еврото ке се изедначат, во однос 1:1.
Денеска фунтата има намалена вредност и кон американакиот долар кој се менуваше за 1,28 што е прв пат од почетокот на јуни годинава.
Се смета дека падот на британската влаута може да го запре само напредокот во преговорите за Брегзит, а посебно во делот за економијата и за идните трговски врски на Британија со ЕУ.