Ако не сфатиме дека на државата и требаат големи комбинати, нема да имаме напредок во земјоделството, порачаа дел од учесниците на денешниот форум за економски развој во Велес.
Според нив, за развој на аграрот е неопходно и редуцирање на регулативата со оглед дека законите се обременети со по најмалку 50 правилници, вложување во технологија, механизациија и човечки ресурси.
– Ниту една влада досега не создаде амбиент за развој на големи земјоделски комбинати и нема слух за нивна поддршка. Она што постоеше се уништи и сега почнуваме одново, да правиме нешто што веќе го имавме, рече Перо Колевски од ЗИК „Агрија“, додавајќи дека во Македонија засега има само четири големи капацитети: ЗИК Пелагонија, „Агрија“, „Вардар Градско“ и „Везе Шари“.
Државата, напомена, мора да обезбеди посебна поддршка за големите комапнии зашто тие го носат развојот, а не да ги третира исто како малите производители.
Колевски потенцира и дека не треба, кој како дојде на власт и како сака да ги менува прописите.
Абуделезел Догани од „Везе Шари“ смета дека во државата не се проблем парите што треба да се вложат во бизнисот, туку недостатокот на работната сила, особено квалификуваната. Осврнувајќи се на сточарството кое Владата го најави како еден од приоритетите, Догани потенцира дека најпрво треба да се размислува за производство на добиточна храна, односно на обезбедување на двата клучни ресурса, земја и вода. Тој воедно ги поздрави реформите во образованието, но апелира да се стави акцент на стручното кое, рече, ќе продуцира квалитетни кадри без кои нема реализација.
– Состојбата во земјоделството не е добра. И покрај субвенциите, резултати нема. Нема ниту партнерски однос меѓу производителите и откупувачите. Целта на оваа Влада е работите конечно да се сменат – да се намалат производните трошоци, да се доделуваат субвенциите навреме, до 30 јуни, да се обезбедат нови пазари, да се воспостави соработка за да се развива договорното производство,… истакна Ленче Николовска, советник за земјоделство во кабинетот на премиерот.
Според Никола Поповски, декан на Економскиот факултет на ФОН, субвенциобирањето на земјоделството не значи и нужно зголемување на неговиот физички обем. Тој порача да се решаваат проблемите на пазарен начин и да не се потценува работна сила зашто имаме вишок, а платите се ниски.
Директорот Николче Бабовски рече дека фокусот на Платежната агенција е ставен на обезбедување стабилно домашно производство за помал увоз на храна, поголема конкурентност, стабилен доход, одржливи рурални средини и заштита на животната средина.
Земјоделците се пожалија на затворени врати на Платежната агенција и на добивање решенија со задоцнување на што советничката Николовска рече дека тоа е резултат на досегашната слаба екипираност и организација што се менува со вработувањето нови кадри и поголемата комуникација.
Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ што го организира форумот во Велес, детектирал 150 проблеми со кои се соочува деловната заедница во земјоделството, меѓу кои: недостиг на сезонски работници, недоволна реализација на советодавни услуги, незаинтерсираност на увозниците за регистрација на заштитни препарати, особено за органското производство.