„Фич“ ја намали прогнозата за растот на глобалната економија

Од:

Американската агенција за проценка на кредитниот рејтинг „Фич“ ја намали прогнозата за раст на глобалната економија за 2012 година од претходно предвидените 2,2 на 2,1 отсто.

Во образложението на ваквата одлука „Фич“ наведува дека намалувањето на прогнозата е поврзано со заканите предизвикани од влошувањето на економската состојба во многу земји, како и поради слабите финансиски показатели.

Најголемите светски економии во текот на оваа година ќе зајакнат за само еден отсто, но веќе 2013 година се очекува забрзување на растот на 1,4 проценти, а во 2014 на два отсто, се наведува во извештајот на „Фич“, насловен како „Светски економски перспективи“.

Во овој извештај „Фич“ исто така ја намали и прогнозата за раст на глобалната економија и за 2013. и 2014. од претходно предвидените 2,8, односно 3,1 на 2,6, односно три проценти.

„Фич“ особено дава лоши прогнози за економската состојба во еврозоната, каде за 2012 година предвидува пад на Бруто домашниот производ од 0,5 проценти, за 2013 година прогнозира мало опоравување и раст од 0,3 проценти, а дури во 2014 година се предвидува забрзување на економскиот раст на 1,4 отсто.

Во однос на американската економија, предвидувањата за растот во 2012. „Фич“ ги остави непроменети на 2,2 проценти, но прогнозата за 2013 година е намалена од 2,6 на 2,3 проценти.

Како главни причини за намалувањето на прогнозата за економскиот раст на најголемата светска економија „Фич“ ги посочува високата стапка на невработеност, успорувањето на растот во првото полугодие од 2012., како и неизвесноста околу фискалната политика на САД, која може да резултира со намалување на довербата на инвеститорите.

Во однос на економиите со забрзан раст „Фич“ наведува дека тие исто така ќе се соочат со предизвици, иако Кина чија економија е втора по големина во светот годинава ќе забележи раст од 7,8 проценти, во 2013. 8,2, а во 2014. 7,5 проценти.

Според „Фич“ успорување на растот на кинеската економија ќе биде спречено благодарение на мерките што ги презема Владата во Пекинг.

За Бразил и Индија „Фич“ предвидува економски раст од 4,2 односно седум отсто, додека за Русија и за оваа и за следната година прогнозира раст од 3,5 проценти.

„Фич“ проценува дека големите светски економии ќе ја задржат рекордно ниската каматна стапка некаде до средината на 2013 година.

Новата програма на Европската централна банка за неограничено купување на државните обврзници ќе придонесе за ублажување на финансиските тензии во еврозоната, но имајќи ги предвид негативните економски трендови малку е веројатно дека таа ќе придонесе за подобрување на перспективите за економски раст на краток рок, заклучува „Фич“ во својот извештај.

Би можело да ве интересира

Над 2.500 земјоделски и прехранбени производи се очекува да поевтинат со новиот закон за нефер трговски практики

Орце Костов

Работниците со ниски приходи ќе добијат 3.555 ваучери за туризам од 300 евра

Орце Костов

Субвенции за клими: За југозападна Македонија ваучери од 25.000 денари, за останатите 2000 помалку

Орце Костов

Путин: Русија ја престигна Германија и стана првата економија во Европа

Горан Наумовски

Николовски: Очекувам цена до 400 денари за тутун од прва класа и минимум за 20 отсто повисоки откупни цени за годинава

Секој граѓанин треба да плати за тоа што потрошил: Бектеши повика да се реши проблемот со струјата во Слупчане

Орце Костов