Кулминира незадоволството од сегашното раководство на синдикалната организација на кавадаречки „Фени индустри“. Сопирање на обидите за штрајк, злоупотреба со огревното дрво преку Синдикатот, притисоци во корист на бугарската компанија, непочитување на мислењето на вработените, донесување одлуки без согласност од вработените и ред други неправилности се на списокот на незадоволство од сегашното раководство на Синдикатот. Вработените успеаја за в понеделник да закажат собрание, на кое сакаат да го искажат незадоволството и да ја почнат постапката за избор на ново раководство.
„Со месеци се обидуваме да закажеме собрание на Синдикатот. Баравме од претседателот Ѓоре Палитов да закаже, но тој ги игнорираше нашите барања и покрај промените и лошата состојба во која е фабриката. Моравме сами да се организираме, да собираме потписи. Мнозинството членови на синдикалното собрание се потпишаа и го исполнивме условот да закажеме собрание и без претседателот. Тој ја изгуби поддршката од нас одамна оти се однесуваше како продолжена рака на бугарската компанија заинтересирана за ‘Фени’, а притисоците кои ги врши врз вработените сè уште не сопираат“, велат вработени во „Фени“.
В понеделник вработените се надеваат дека ќе успеат да изберат раководство кое ќе организира избори за нов претседател. Имаат четири точки на дневен ред, односно ќе расправаат за актуелната состојба во фабриката, за работата на синдикалните тела во изминатиот едногодишен период, третата точка е планирање на натамошните активности на Синдикатот во новонастанатите услови, а предвидена е и точка разно.
Вработените се жалат дека сегашното раководство ги задушило сите нивни обиди за штрајк, во периодот пред да престане производството и печката да се стави на минимум. Потсетуваат дека нивни колеги кои јавно ги кажувале ставовите се избркани од работа, а најголем револт велат дека Синдикатот предизвикал со огревното дрво кое не им беше доставено на вработените и покрај тоа што сумата во целост им била исплатена. Синдикалните дрва не стигнаа и по почетокот на грејната сеозна, а Синдикатот почна да им ги враќа парите пред дваесеттина дена.
„Луѓето одеа секој ден, молеа да им кажат кога ќе има дрва. Секој ден им кажуваа нови лаги, а студот стигна па мораа при платени дрва да се снаоѓаат за огрев“, велат вработените.
Според нив, од моментот кога закажале собрание, сегашното раководство преземало очајнички обиди да ги задржи позициите, правеле притисоци врз вработените, а кон некои биле упатени и закани за физички пресметки.
Претседателот Палитов не е достапен за да одговори на обвинувањата. Тој изминатиов период, додека вработените го обвинуваа, тврдеше дека обвинувањата дека е продолжена рака на бугарската компанија заинтересирана за „Фени“ се неосновани и изјавуваше дека има целосна поддршка од вработените.
Во судот во Велес е во тек стечајната постапка за фабриката преку која треба да се избере нов инвеститор. Од петте заинтересирани компании за „Фени“ со кои банките кредитори се во преговори, само швајцарскиот фонд ФОС Асет менаџмент депонираше три милиони евра како гаранција за сериозноста на понудата.
На 11 јануари во Велес треба да се одржи следното рочиште со собрание на доверители.
(М.И.П.)