Кавадаречки Фени Индустри ад – во стечај ќе почне со работа откако Одборот на доверители донесе одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на овој комбинат со единствениот понудувач друштвото GSOL, за минимален месечен надомест од 1.200.000 евра, соопшти денеска Одборот на доверители на Фени индустри ад – во стечај.
„Одборот на доверители на седницата одржана на 30.01.2018 година, донесе одлука за склучување договор за преработка на никелова руда на Фени Индустри АД Кавадарци со единствениот понудувач друштвото GSOL, за минимален месечен надомест од 1.200.000 ЕУР.
Одлуката е едногласно донесена од сите членови на Одборот на доверители. При донесување на оваа одлука, се водеше сметка за заштита на интересите на доверителите и на вработените во комбинатот согласно Законот за стечај.
Ова посебно се однесува на потребата производствените капацитети кои се во сопственост на стечајниот должник и кои влегуваат во стечајната маса, да бидат заштитени од понатамошно пропаѓање и намалување на нивната вредност.
Нивно ставање во целосна функција ќе создаде услови доверителите да ги наплатат своите побарувања во повисок процент, што е и основната цел на колективното намирување на доверителите во стечајната постапка. Склучувањето на договорот е од исклучителна важност и за вработените кои ќе бидат работно ангажирани, но воедно ќе се спречи (или избегне) дополнително оптоварување на стечајната маса со трошоци на постапка“, се вели во соопштението на Одборот на доверители на Фени индустри ад – во стечај.